Емилија Мицевска со голо трудничко стомаче, Рубенс Муратовски пееше со синовите - Како си поминав на „Глумците пеат“ 2026?
Тина Трпскоска се маскираше во Гиш и неговата „Самовилска свадба“ ја испеа со длабок машки глас. А кога по силниот аплауз се заблагодари со своето нежно гласче, уште толку ги собра симпатиите на публиката.
Марина Поп Панкова ја отвори вечерта, а потоа се појави уште неколкупати, но најинтересен беше настапот со Горан Ников, каде што имаа игра на заведување, љубов и омраза во песната „Сè што сакав јас по тебе“.
Петар Горко слезе меѓу публиката, па тајно им даваше „бројчиња“ на ливче на дамите од првиот ред додека ја пееше „223-305“.
Додека песните се редеа една по друга, се менуваше и расположението на публиката, а кулминираше на самиот крај, кога триесетината актери излегоа на сцената и се поклонија, а потоа уште еднаш, овој пат сите заедно, ја испеаја „Љубов запеј ни“.
И без да откривам сè до крај, зашто вечерва е втората претстава, само ќе кажам дека Маја Андоновска Илијевски одлично се трансформираше во Маја Оџаклиевска, Нина Деан беше извонредна и како актерка и како танчарка и како пејачка, Весна Петрушевска воодушеви со својот глас, исто како и Трајанка Илиева, а Игор Ангелов „упадна“ на сцена како само што да дошол од дома зашто „заборавил дека има настап“.
Подеднакво силни пофалби заслужуваат и младите актерки кои допрва ќе доминираат на театарската сцена кај нас - Анастасија Трајковска, Нина Елзесер, Ања Митиќ.
За крај можам да кажам само едно големо БРАВО за сите, од прв до последен, за вложениот труд, љубов во тоа што го прават!
Покрај сите нив и целата позитивна енергија на (и зад) сцената, знам дека едвај чекам да дојде следното издание на „Глумците пеат“.
