Бевме зад сцената на „Глумците пеат“ 2026 - Си ги пеглаат фустаните, вежбаат реплики и песни, опуштено се дружат
- Детали
- среда, 25 март 2026
Отсекогаш ме интересирало (а верувам и вас) што се случува зад сцената и како се подготвуваат актерите или пејачите пред своите настапи. Годинава, љубопитноста ми беше задоволена, а зад сцената на „Глумците пеат“ како да бев во друг, интересен и волшебен театарски свет.

За една театарска претстава или концерт да изгледаат совршено на сцената, потребни се долги подготовки, кои некогаш траат и со месеци.
Истото важи и за „Глумците пеат“, манифестација која годинава се одржува по 34-ти пат и која, како гледач ме воодушеви.
Но, отсекогаш ме интересирало (а верувам и вас) што се случува зад сцената и како се подготвуваат актерите пред своите настапи.
Дали се во паника? Дали ги фаќа трема? Се дружат со колегите или бегаат на страна за да се сконцентрираат? Дали се смеат или „прскаат искри“ на сите страни зашто некој е нервозен?
Љубопитноста конечно ми беше задоволена. Само неколку часа пред почетокот на првата вечер (од двете вечери) на годинешното издание на „Глумците пеат“, екипата на CRNOBELO.com влезе зад кулисите на театарот, во гардеробите, шминкерницата, се прошетавме низ ходниците, зад сцената, прошетавме на места кои ги гледаат само актерите и вработените во театарот.
И додека немаше публика, се качивме на сцената и видовме како изгледа од другата страна, кога ќе се запалат рефлекторите.
Па, како е зад сцената на „Глумците пеат“?
Првиот збор што ми паѓа на памет е - забавно. Вториот е - забрзано. Третиот - опуштено (дружење).
Уште кога ја поминавме вратата на која пишува „Забранет влез за посетители“, како да се најдовме во друг свет.