Марија Роглева (22) ја освои првата награда на Shtip Fashion Days 2026
- Детали
- среда, 22 април 2026
„Ова признание не е само лично постигнување, туку и потврда дека трудот, посветеноста и вербата во сопствениот креативен израз носат резултати. Ја гледам оваа награда како поттик да продолжам да се развивам, да истражувам нови идеи и да придонесувам за афирмацијата на македонскиот дизајн“, вели младата дизајнерка.

Марија Роглева (22) од Богданци е студент по моден дизајн на факултетот за Арт и дизајн при Европски универзитет Скопје.

Таа го освои првото место на студентскиот конкурс на SFD 2026, поддржан од „Премиум брендови“. Наградата вклучува паричен износ од 60.000 денари и учество со модна ревија на наредното издание на штипските модни денови.

Пред бројната публика и жири комисијата, се презентираа 15 атрактивни креативни визии инспирирани од електричниот автомобил KIA EV4 и се натпреваруваа 15 студенти од приватни и државни образовни институции.

На модната ревија што се одржа на првиот ден од SFD, во жири комисија беа Сергеј Варошлија, Маја Кикириткова, Никола Патриклиски и Вишна Шорова.

Учеството на Марија Роглева во оваа модна ревија беше реализирано под менторство на проф. м-р Александар Рашковиќ, со поддршка на проф. д-р Гордана Вренцоска, Гордана Божиновска и ас. м-р Ана Трајковска.
„Ова признание не е само лично постигнување, туку и потврда дека трудот, посветеноста и вербата во сопствениот креативен израз носат резултати.
Ја гледам оваа награда како поттик да продолжам да се развивам, да истражувам нови идеи и да придонесувам за афирмацијата на македонскиот дизајн.
Благодарна сум на моите ментори, семејството и сите кои веруваа во мене и ме поддржуваа.

Со чест и задоволство ја примив оваа награда, која што ми претставува голема мотивација за моја идна модна колекција. Како млад моден дизајнер тежнеам кон нови успеси на македонската модна сцена.
Наградава има големо значење за мене и сум многу благодарна за ова неверојатно искуство.
Креацијата е футуристичка инспирација од автомобилот KIA ev4, каде што преовладува сивата боја со акцент на црвена боја и асиметрија со грандиозен стил што создава чувство на движење и енергија.

На фустанот е испринтан дизајн на текстил со остри линии кои ја следат формата на телото и визуелно ја издолжуваат фигурата, давајќи ѝ модерен и моќен изглед.
Основата на дизајнот на текстил е во неутрални, металик сиви тонови со висок сјај, кои потсетуваат на каросерија на автомобил.

Површината делува мазно и аеродинамично, со суптилни премини и рефлексии што создаваат чувство на длабочина и движење.
Преку оваа смирена база, доминираат остри, динамични линии во интензивна црвена боја, поставени како светлосни акценти.

Како моден додаток направив чанта од тркало која директно ја поврзува креацијата со изворот на инспирација и внесува концептуален карактер.
На чантата беа претставени бандажите на автомобилот и логото. Ременот е изработен со патент, во комбинација од црна и црвена боја, што дополнително ја нагласува врската со технички и функционален дизајн.

Металните карабинери придонесуваат за робустен и практичен изглед, како и за лесно прилагодување и носење.
На модната ревија јас бев модел и дадов се од себе за да ја презентирам креацијата во најдобро светло пред очите на публиката и жири комисијата. И за крај добив позитивни резултати“, вели Марија.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело