Монодрамата „Арто/Ван Гог“ на Бранко Михајлоски ја истражува границата меѓу генијалноста и страдањето
- Детали
- понеделник, 27 април 2026
Во време кога темите за менталното здравје сè погласно го заземаат своето место во јавниот дискурс, на македонската театарска сцена пристигнува автентично и храбро уметничко дело кое ги отвора овие прашања преку силен сценски израз.

На 28 април, со почеток во 20:06 часот, во Public Room – Скопје ќе се одигра монодрамата „Арто/Ван Гог“, во режија и изведба на младиот актер Бранко Михајлоски. Концептот е дополнет со консултант по режија Тамара Стојаноска, музика во живо од Дарко Спировски и сценска инсталација на Ѓорѓе Нешковиќ.
Претставата е драмска монодрама по текст на Јоли Андреади и Арис Аспрулис, инспирирана од животите и делата на Антонен Арто и Винсент ван Гог — уметници кои ја носат кревката линија меѓу генијалноста и личното страдање. Наместо класична биографија, „Арто/Ван Гог“ нуди интензивно сценско искуство што комуницира директно со публиката – емоционално, физички и без компромис.

Инспирирана од концептот на „Театарот на суровоста“, претставата ја истражува чувствителноста како сила, отворајќи прашања за општествената перцепција, стигмата и индивидуалната вистина. Преку физички театар и моќна визуелна експресија, публиката се вовлекува во длабоко лично и колективно искуство.
Бранко Михајлоски (1996, Прилеп) е дипломиран актер на Универзитетот „Европа Прима“ во Скопје, во класата на проф. Дејан Пројковски. Неговиот уметнички израз се движи меѓу психолошкиот и физичкиот театар, со особен фокус на телото, движењето и трансформацијата како клучни сценски алатки.

Тој е активен член на „Кабаре Еуфорија“, а моментално е ангажиран и во мјузиклот „Као Какако“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, како и во претстојната претстава „Теорема“, чија премиера е најавена во рамки на „Скопско лето“.

Со „Арто/Ван Гог“, Михајлоски се наметнува како нов и автентичен глас на младата театарска сцена — автор и изведувач кој отвора комплексни теми и ја предизвикува публиката на длабока емотивна и интелектуална реакција.
Билетите за претставата се достапни преку tix.mk и на влез, со напомена дека плаќањето е исклучиво со картичка.
