Првпат ќе настапат пред своите деца - Јован Јованов и Елвир Мекиќ открија детали за концертот во Скопје
- Детали
- четврток, 28 мај 2026
Пред дел од македонските медиуми, во опуштена атмосфера во Intermezzo Music Bar, Јован Јованов и Елвир Мекиќ вчера (27.05) одржаа прес-конференција на која открија детали поврзани со претстојниот концерт, закажан за 6 јуни во арената „Борис Трајковски“.

Двајцата музичари, но и долгогодишни пријатели и соработници, признаа дека во моментов немаат трема, работат напорно, имаат проби со бендот и танчарите, но и дека се возбудени што нивните деца првпат ќе ги гледаат како настапуваат во живо и конечно ќе ги видат на сцена.
Освен гостите, кои ги вклучуваат Адријан Гаџа, Маја Саздановска, Тони Зен, Слаѓа Делибашиќ, Џус, Пајак и Врчак, со Јован и Елвир на сцената ќе се појават многу танчари, од кои еден дел беа избрани преку специјална аудиција.

За нивниот изглед, пак, се погрижи нашиот дизајнер Андреј Папаз, кој создаде по неколку различни аутфити и за Јован и за Елвир.
Од друга страна, тие повторно нагласија дека концертот има дрес код, а тоа е белата боја.

„Би сакале сите што ќе дојдат да облечат барем бела маичка или кошула, а на самиот концерт ќе дознаете зошто решивме да го направиме целото шоу како „сензација во бело“,“ кажа Елвир на прес-конференцијата.
Концертот ќе биде голем музички спектакл, а ќе понуди многу нови и стари хитови, како и некои подзаборавени песни што ќе ви ја разбудат носталгијата.

„Сакам да им се заблагодарам на сите што нè поддржуваа во ова наше музичко патување, на спонзорите, на медиумите, но и на сите што купија билети, и исто како нас, едвај чекаат да дојде 6 јуни“, додаде Јован.
Концертот е пред распродавање, а оние што немаат купено билет, може да го сторат тоа преку MK Tickets на овој ЛИНК.

