„Бевме на Лазаров наградите 2026 - Игор Џамбазов ѝ пееше на Миа Костова, Стефан ја крена во раце Благица Павловска“
Емотивната кулминација на вечерта беше кога сите го гледавме 4-минутното видео од реновирањето на куќата на 4-члено семејство од ранливите категории.
Стефан Лазаров со помош на Мандар и Димитар Атанасовски, кој беше дел од целиот проект и многу пати го видовме на сцената во улога на водител, го оствари сонот на ова семејство - од руинирана куќа до современо уреден дом.

Куќата е во Куманово, а луѓето веќе се вселиле, на еден ден пред манифестацијата.
Лазаров најави дека реакцијата на семејството ќе биде презентирана на неговиот Јутјуб канал во недела.
Насолзени очи и громогласни аплаузи, како и апел за многу други вакви проекти, беше реакцијата на овој хуман чин.
„Менуваме животи“ е мотото на Лазаров и за ова семејство од Куманово, тој навистина успеа да направи промена. Браво!
СОС детско село добија награда за „херои на годината“, а до сите срца допреа зборовите на една од згрижувачките мајки, која веќе 15 години згрижува деца, сите нив ги поздрави по име и вети дека нема да сопре со мисијата.

Од СОС детско село веќе 10 години дел е и пејачката Мијата, која ја отпеа својата: „Не вели стој, зашто патот е овој! Имам сега повод свој, да ме спречи може никој, верувам во себе јас!“
Стефан и Димитар Атанасовски за своите заеднички појавувања на сцената се шегуваа дека станале како Атанас и Тино, а подоцна свој стендап настап имаше и Тино, но, за жал, без Атанас.

Стефан Лазаров ѝ подели комплименти на Антониа Гиговска и ѝ ја додели наградата „Талент на декадата“:
„Антониа е број 1 со години меѓу нашите млади изведувачи и тоа мислам на цел пакет, не само на песни. Таа знае што е шоубизнис“.

Во продолжение ѝ се извини што во еден подкаст зборувале недолично за неа, а Антониа и сопругот Роберт со насмевки на лицата го прифатија извинувањето.
Таа ја отпеа песната „Жена,“, а потоа со Благица Павловска и Роберт и нивната преработка „Чукај, чукај“.

Благица во свој говор на сцената за Антониа изјави дека е девојка која носи светлина во себе, а за Тамара дека била и останала царица. Го пофали Јанг Дади, а Игор Џамбазов го прогласи за најдобар шоумен на светот.
Но, по долгиот говор, Димитар на шега апелираше да ѝ се одзеде микрофонот на Благица, а, пак, Стефан Лазаров ја крена во раце.

Тино и Атанас добија награда за „стенд ап на годината“.
Марјана Станојковска му додели награда на Влатко Лозаноски за „концерт на годината“, а наградата „албум на годината“ му припадна на Слаткар.

Слаткар уште еднаш покажа дека кога има ритам при зборувањето не пелтечи, а сцената потоа ја подели и со шармантниот Пајак и го отпеја нивниот дует „Его“. Потоа, и „Госпоѓа Сара“ со Тина Русева.


