Интервју со Владо Георгиев: Можеби ќе запознаам македонско девојче, па целава приказна ќе добие смисла

Пред концертот на Владо Георгиев во Скопје, тој ја почести македонската публика со интервју во кое зборува за тоа како ги поминал празниците, што си посакува во новата година и зошто концертот е токму на Свети Трифун.

intervju-so-vlado-georgiev-mozebi-ke-zapoznaam-makedonsko-devojce-pa-celava-prikazna-ke-dobie-smisla-01.jpg

1. Празниците завршија, како си поминавте?

Искрено, прекрасно. Можеби малку поскромно од претходно затоа што морав да се чувам за настапите по студенилово. Ќе признаам, во Новата година влегов задоволен и расположен.


2. Што ќе си посакаш во оваа 2015-та година?

Да останам нормален во овие ненормални времиња. Светот многу брзо се промени и повеќето луѓе станаа поинакви, се сменија преку ноќ и едноставно не се реални. Така и се однесуваат. Би сакал да бидам задоволен во 2015-та, ете тоа би си го посакал.


3. Сега малку за скопскиот концерт. Конечно, голем солистички на македонска територија. Што ви се врти во глава овие денови?

Не ми се врти во глава ништо освен што очекувам таа вечер заедно со скопската публика да направиме прекрасна вечер. Долго посакував еден вистински, голем концерт во Скопје... и ете го.


4. Зошто го одбравте 14-ти фефруари?

Затоа што организаторите и јас сфативме дека тоа е идеален датум од причина што го почитувам Свети Трифун како и вие, а и љубител сум на виното. Кај вас грозјето најдобро успева и ќе биде добро ако некој можеби се заљуби на мојот концерт, со оглед на тоа што некои го слават и Денот на вљубените.


5. Концептот е ист како оној големиот во Комбанк арена. Подготвувате изненадување?

Најчесто се изненадувам себеси на овие концерти, се надевам дека нема да претерам. До тогаш се нека остане тајно.


6. Што побаравте од организаторите? Имате некои посебни барања? Ајвар, ракија, гравче тавче...или сето тоа оди спонтано?

Ништо посебно не побарав. Лично не сум многу пребирлив, а знам дека се ќе биде како што треба, затоа што Македонците се познати како извонредни домаќини во што до сега многу пати се уверив.


7. Во Белград славевте роденден на концертот, дали можеби оваа година ќе славите љубов во Македонија?

Не знам, единствено ако вие тврдите дека е така. Можеби ќе запознаам некое македонско девојче па цела оваа приказна ќе добие смисла.


8. Дали репертоарот е готов? И има ли на него некоја македонска песна?

Не го откривам репертоарот никогаш, свирам по чувства.


9. Дали тебе лично ти значи нешто овој 14-ти февруари, како Ден на вљубените?

Оваа година ми е само ден на концертот, ден на Свети Трифун, па потоа Ден на вљубените.


10. Освен да дојдат на твојот концерт, што друго ќе и препорачаш на македонската публика?

Се што би рекол сега не би било коректно, со обѕир на тоа дека планирам да кажам многу повеќе на 14-ти февруари во арената Борис Трајковски. Се гледаме тогаш.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg