RoboMac 2017 - меѓународен натпревар по роботика и вештачка интелигенција

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ-Скопје) ги повикува сите студенти, средношколци и ентузијасти, вљубеници во роботиката да се пријават на осмиот меѓународен натпревар по роботика и вештачка интелегенција „RoboMac 2017”, кој ќе се одржи во периодот од 9-14 октомври.

robomac-megjunaroden-natprevar-po-robotika-i-vestacka-inteligencija-001.png

Учесниците на натпреварот ќе имаат можност да работат во мешани тимови, да ги употребат своите знаења и вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, сè со една цел, да го креираат најдобриот код и да го освојат првото место во својата категорија.

Исто така во рамките на самиот натпревар, учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на  предавања од истакнати професори и македонски експерти во доменот на роботиката, кои ќе го пренесат своето знаење на учесниците.

Како и секоја година, организацијата на натпреварот, задржувајќи го трендот на иновативност, внесе новитети во секоја категорија, се со цел натпреварот да биде предизвик за секој учесник.

Кулминацијата на манифестацијата е закажана на 14-ти октомври, кога ќе се одржи финалниот натрпеварот во Домот на АРМ и ќе бидат прогласени победниците во категориите:

  • Хуманоид - ревијална категорија наменета главно за средношколци во која се оценува комплексноста на изведената точка;
  • Сумо - два робота се борат помеѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот;
  • Line Follower - нова категорија наменета за хардвер ентузијасти во која натпреварувачите ќе создадат комплетно хардверско, како и софтверско решение на робот кој ќе следи линија;
  • Лавиринт - роботи кои со помош на алгоритми ќе решаваат едноставни и комплексни лавиринти;
  • AI Football- интелигентни агенти кои со помош на алгоритми за вештачка интелигенција ќе се натпреваруваат меѓу себе во симулација на фудбалски натпревар;
  • Sphero роботска топка која со помош на камера и дигитално процесирање слика ќе селектира кои препреки ќе ги избегнува а кои ќе ги турка.

Пријавувањето за учество на настанот ќе трае во перодот 19.9.2017 - 1.10.2017г. на официјалната страна на RoboMac 2017 каде може да најдете и подетални информации за секоја категорија.

RoboMac 2017 е во организација на две студентски организации, кои се активни на техничкиот кампус на УКИМ (Студентски огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ и Студентски парламент на ФЕИТ), како и студенти волонтери од ФЕИТ.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg