Вечерва во Станица 26 американскиот гитарист Скот Хендерсон

Со почеток во 21 часот, вечерва на сцената на ноќниот клуб Станица 26, повторно во Скопје ќе настапи легендата на американскиот фјужн џез и блуз, гитаристот Скот Хендерсон (Scott Henderson) најпознат по неговата работа во бендот „Tribal Tech“.

vecerva-vo-stanica-26-amerikanskiot-gitarist-skot-henderson-01.jpg

Хендерсон е на голема турнеја низ Европа и Скопје е еден од градовите, зацртани во неговата музичка агенда, каде ќе настапи.

„Сметам дека е многу значајно за еден музичар да ги држи постојано отворени ушните школки и да се слуша себеси, и наедно да не потпаѓа лесно под влијание на ниту едно друго мислење, да биде свој, во спротивно може многу лесно да биде нечиј музички клон. Она што можам да ги советувам помладите музичари е да слушаат различен тип музика, од поп, преку џез, кантри, рок, госпел, блуз, фанк и класична музика. Тоа е музиката на која јас израснав. Иако се наобразував на Флорида Атлантик Универзитетот за да научам повеќе за џезот, морам да признаам дека предходно 15 години бев самоук музичар и немав земено ниту еден час по музика. Така што можам слободно да кажам дека сум самоук гитарист, кога е во прашање блузот“ вели Хендерсон.

Покрај тоа што е музичар и композитор од светска класа, заштитен знак на Хендерсон е неговиот прекрасен звук и впечатлива виртуозоност да си „поигрува“ со својата гитара и да ги компилира звуците на блуз, рок, фанк и џез.

Роден во 1954 година на Флорида, пораснал на место, каде блузот и рокот не биле во својот зенит. Во младоста настапувал низ Јужна Флорида, каде свирел различен тим музика во тамошните клубови, од Лед Зепелин до Џејмс Браун. Огромно влијание на него имале музичари како Џими Пејџ, Џеф Бек, Џими Хендрикс и големите блуз гитаристи Алберт Кинг и Бади Гаи.

vecerva-vo-stanica-26-amerikanskiot-gitarist-skot-henderson-02.jpg

Иако, Хендерсон, тврди дека е повеќе блуз – рок музичар, влијанието на џезот низ неговата музичка кариера, го изгради неговиот музички стил во она што е денес.

Скот се наобразувал на Флорида Атлантик Универзитетот, потоа се преселил во Лос Анѓелес.

Во 1984 година Хендерсон го формира бендот „Tribal Tech“ со басистот Гери Вилис и по девет успешни албуми, Скот конечно успеа да се профилира себеси како еден од најдобрите светски изведувачи и композитори.

Во 1991 година престижното музичко списание „Guitar World“ го именуваше како гитарист број 1 во светот. Неговиот прв соло албум „Dog party“ музички се враќа кон корените на блузот и во 1994 година е прогласен за најдобар блуз албум во музичкото списание „Guitar Player“. Неговиот втор блуз албум го поврзува со светски позната и легендарна вокалистка Телма Хјустон. Песната „Tore down house“ доби четири ѕвезди од музичката критика во сите светски познати музички магазини. Зад него се уште неколку познати соло албуми на кои има колаборирано со значајни басисти и тапанари како Алан Хертц, Виктор Вутен, Стив Смит...

Можеби она што најмногу восхитува кај овој великан е што денес тој предава на надоаѓачките генерации музичари на Музичкиот институт во Холивуд и честопати пишува во познатите свтски музички магазини, а има напишано и книги, меѓу кои "Џез-гитарски акорд систем", револуционерна „лектира“ за да можат студентите да ги проучуваат плуралите на џез хармонијата.

vecerva-vo-stanica-26-amerikanskiot-gitarist-skot-henderson-03.jpg

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg