Концертна промоција на групата Кабадајас во Станица 26

Вечерва, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб Станица 26, концертна промоција на најновиот албум ќе има бендот „Кабадајас“. Албумот со наслов „Од понеделник“ го издаде концертната агенција и продукција „3Гонга“. Групата „Кабадајас“ ја сочинуваат тројца музичари Зоран Костадиновски на гитара, Џоле Максимовски на бас гитара и Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии. Гости на албумот се Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска Трајкоска – вокали и Павле Васиљевиќ – клавијатури и програмирање.

koncertna-promocija-na-grupata-kabadajas-vo-stanica-26-01.jpg

„Од понеделник“ е нивен втор албум. Првиот албум се вика IV, издаден е 2012 година од БАГИ Комуникации. Новиот албум е снимен во Тра Ла Ла кај Мите Димовски, Вода Медиа – Павле Васиљевиќ  и Алшар студио – Ивица Јанкуловски.

koncertna-promocija-na-grupata-kabadajas-vo-stanica-26-04.jpg

Гости на концертот кои ќе настапат заедно со бендот ќе бидат Марија Димитријевиќ, вокал, Светлана Јовановска Трајкоска вокал, Ратко Даутовски перкусии и Трајче Велков на труба.

„За името на бендот се инспириравме од кабадајлукот како карактерна особина, убаво претставен во еден македонски документарец за битолските кабадаи. И така низ шала и смеа, додека го снимавме првиот албум, немајќи име за групата, остана и името. Бендот постои од 2011та. Дино и  јас решивме да правиме наш проект. Во исто време соработувавме со Горан Бојчевски. Со него веднаш излегоа убави теми и идеи. Зоран Костадиновски кого го знаевме како малку помлад гитариста тогаш, влета во приказната како да сме свиреле од секогаш. Сите функционираме како композитори и аранжери во музиката што ја создаваме, а создадовме модерна инструментално вокална музика, џези амбиент со скопски, а сепак, светски шмек. На овој албум композитори сме Зоран и јас, но и Дино кој ритмички ги оплеменува нумерите. За аранжманите сме задолжени сите. На албумов има две вокални песни. Едната од нив е со текст, песната „Летаме“ која јас ја напишав. Искрено едвај чекаме да свириме вечерва во Станица 26, како промо за нашето второ издание. Очекуваме убава атмосфера, добар звук, фино расположение...“ вели Максимовски. 

koncertna-promocija-na-grupata-kabadajas-vo-stanica-26-02.jpg

koncertna-promocija-na-grupata-kabadajas-vo-stanica-26-03.jpg

Веднаш по концертната промоција, бендот продолжува со настапи низ Македонија, а потоа следуваат и патувања надвор од државата... Веќе се во преговори и со странски продуцент за ширење на нивната музика надвор од границите на земјава.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg