Започнува Skopje Street Music Festival - Четири дена квалитетна музика под отворено небо

Од денеска до недела на седум  локации во Скопје ќе се случува Skopje Street Music Festival. Со 25 настапи на солисти, групи и ансамбли ќе се слави звукот на квалитетната музика, изведена во живо, на отворен простор. Kabadayas, Why not, женскиот хор Св. Злата Мегленска, Антоние Весковски, Елена Чадиковска, Bossa Un Der Cover, Пеперминт и други ќе изведуваат авторска музика, но и преработки на познати песни.

zapocnuva-skopje-street-music-festival-cetiri-dena-kvalitetna-muzika-pod-otvoreno-nebo-01.jpg

„Ги покануваме жителите на град Скопје, но и сите кои деновиве ќе минуваат го посетат нашиот град, да ги проследат настапите на отворено и да уживаат во звуците на квалитетна музика“- изјави Елена Јовановски, координатор на фестивалот. „Веруваме дека ќе понудиме едно сосема поинакво искуство за посетителите и настан кој ќе прерасне во традиционален во наредните години“- додава таа.

За време на фестивалот посетителите ќе можат да слушнат Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На отворен простор, покрај на стандардните инструменти, ќе се музицира и на ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон, кои ретко може да се видат надвор од концертните сали.

zapocnuva-skopje-street-music-festival-cetiri-dena-kvalitetna-muzika-pod-otvoreno-nebo-03.jpg

За Дуња Иванова, наша позната пијанистка со светска слава: „Поставувањето на акустичен инструмент на нестандардна локација е привлечно за минувачите, а предизвик за изведувачот“. Во рамки на нејзиниот настап во Градски парк, на акустично пијано таа ќе изведе филмска музика.

zapocnuva-skopje-street-music-festival-cetiri-dena-kvalitetna-muzika-pod-otvoreno-nebo-02.jpg

Локациите на кои ќе се одржува фестивалот се: Плоштад Македонија, Градски Парк, ТЦ Лептокарија, Паркот на авиончето во Аеродром, Плоштад Скендербег, платото пред Универзална сала и Боемска улица. Настапите ќе започнуваат во три термини: од 18:00, 20:00 и 22:00 часот. Отворањето на фестивалот е вечерва во 19:00 часот на плоштад Македонија, а на последниот ден настапите ќе почнат во 12:00 часот.

Музиката не сака да биде затворена во ѕидови, порачуваат организаторите. Овие денови, Скопје и улиците ќе ја слават музиката затоа што уметноста и припаѓа на улицата, а улицата му припаѓа на секој граѓанин.

Ко-организатор на фестивалот е Конгресниот центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.

Повеќе информации за фестивалот се достапни на www.skopjestreetmusicfestival.com.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg