Новогодишна џез бајка - Будење на заспаната убавица

Да ја испратиме 2018-та со магичен, предновогодишен настан, коj многумина го нарекуваат музичко патување наменето за секоја возраст.

novogodisna-jazz-bajka-budenje-na-zaspanata-ubavica-01.jpg

Сите ќе ја паметиме годината која ја испраќаме по некоја лична приказна, по некој неостварен сон по чие остварување сè уште копнееме, но сите заедно исто така копнееме да се разбудиме во поубава Битола, во која ќе се зборува за враќање на културата, наместо за заминување на младите, во која дишејќи со полн здив повторно ќе го почувствуваме мирисот на нејзината душа и ќе ја слушнеме музиката на надежта.

Ве повикуваме во предвечерието на Новата година заедно да ја посакаме нашата заедничка желба и преку нотите на неприкосновениот „Фрагмент“, да бидеме дел од уште една „Новогодишна џез бајка“, со која ќе се обидеме да ја разбудиме заспаната убавица и бајката за поубава Битола да ја претвориме во реалност.

Датум и време: 27 декември во 20:00 часот во Центар за Култура Битола.

*Настанот е поддржан од  „Божиновски часовници и накит“.

Во продолжение, интервју преку кое подобро ќе се запознаете со приказната:

Новогодишната џез бајка е веќе традиционален пред новогодишен концерт кој се одржува во Битола. Кажете ни нешто повеќе за манифестацијата?

Самиот наслов на нашиот проект веќе ја појаснува нашата цел, а тоа е секој гостин на нашиот концерт следејќи ја нашата музичко – сценска бајка, барем на саат и пол да заборави на сите проблеми и обврски и да отпатува некаде далеку каде што можеби последно патувал на неговите 7 години. Манифестацијата е буквално за секоја возраст, всушност и не би го нарекол нашиот проект – манифестација, туку музичко патување.

Каде црпите инспирација за организација на овој концерт и кој е тимот кој стои зад него?

Инспирацијата ја наоѓам во сите снежни детски насмевки кои не се ни гледаат под нивните шалови и капи, во сите дворови во кои што снешкото го усреќил и старото тенџере кое веќе никој дома не го користи, сите оние луѓе кои брзаат да го украсат купениот подарок криејќи се од минувачите божем ќе ги види оној кој треба да го добие подарокот. Тоа е онаа магија која никого не го остава рамнодушен. Музичкиот тим се состои од исклучителни музичари и тоа сите битолчани:

  • Јасна Мажевска-вокал
  • Давор Неќак- пијано и клавијатура
  • Стефан Тасевски-сопран и алт саксофон
  • Никола Баљари-контрабас и бас гитара
  • Горан Димитровски- гитара
  • Марјан Павловски-тапани
  • Марија Јанчулевска- виолина
  • Даниела Радевска-виолончелo

И јас Давор Неќак во бендот свирам пијано и клавијатури, исто така ги подготвувам и музичките аранжмани како и комплетното сценарио на концертот. Кога сме веќе кај сценариото би сакал да напоменам дека на овој концерт ќе имаме и актерски фрагменти на кои ќе настапат како гости Огнен Дранговски и Катерина Аневска Дранговска.

novogodisna-jazz-bajka-budenje-na-zaspanata-ubavica-04.jpg

Со каков репертоар оваа година ќе ја изненадите публиката?

Репертоарот се состои од традиционални Новогодишни и Божиќни композиции во Џез аранжмани прилагоден на нашиот состав.

Оваа година мотото на концертот е Будење на заспаната убавица. Која е пораката која сакате да ја пренесете преку него?

Па, сакаме да ја разбудиме нашата убавица, нашата Битола која веќе подолго време спие на уметничко-културен план, сакаме да дадеме нешто за секој што ќе присуствува на нашиот концерт таа ладна декемвриска ноќ во Центарот за култира во Битола. Нешто што ќе понесе во себе како мал подарок од нас и анимиран од нашата изведба и енергија да го погледне светот со други очи. Да го погледне дрвото покрај кое можеби секој ден минува на некој нов, магичен, и искрен начин.

novogodisna-jazz-bajka-budenje-na-zaspanata-ubavica-05.JPG

 Дали настапувате, или во нашиот случај, свирите, за себе или за публиката?

Често изведувачите на музички и театарски дела, доаѓаат во ситуација да се двоумат како да одговорат на ова прашање.

Оние кои би одговориле дека свират за себе, би ги прашал зошто доколку свират за себе, не свират дома затворени во нивните соби, зошто се трудат да бидат подобри, зошто запишуваат професионални надоградувања? Додека оние кои би одговориле дека настапуваат за публиката, би ги сметал за луѓе кои се поврзани со некакво самољубие и чувствуваат некаква човечка надменост. Секој изведувач, според мене,  без разлика од жанрот преку кој се презентира уметноста, би требало да настапува и за себе и за другите, со што би создал некоја нова енергија која што ќе биде над сите нас, која што не е земна. Сите ние треба да се ослободиме од нашите ега, и од самите себе, а со тоа се создава вистинска натчовечка уметничка магија. Само тогаш сме креатори на уметничкото чудо.

novogodisna-jazz-bajka-budenje-na-zaspanata-ubavica-02.jpg

Потребни ли се повеќе културни настани на Битола преку целата година и има ли градот публика за културни настани?

Се разбира дека и се потребни, мислам дека проблемот во нашиот град е тоа што луѓето престанаа да бидат интузиастични, и се откажаа да нудат уметнички проекти. Нормално, со тоа што престанаа да се нудат проекти, и самата публика престана да се едуцира и интересира. Ваквиот тип на концерти, во очите на битолчани, изгледа дека тоа е можно да се случува само некаде далеку од нас, дека кај нас нема доволно квалитет поединци за вакви настани, што не е точно. Затоа ние се трудиме да им покажеме дека и Битола може да организира и реализира концерт со светски квалитет.

Која е вашата заедничка новогодишна желба која искрено сакате да ви се оствари?

Новогодишната желба на Фрагмент е, да не застанеме само на оваа новогодишна тематика, да ја оставиме публиката жедна за нешто повеќе и нешто поинакво.

novogodisna-jazz-bajka-budenje-na-zaspanata-ubavica-03.jpg

novogodisna-jazz-bajka-budenje-na-zaspanata-ubavica-06.JPG

novogodisna-jazz-bajka-budenje-na-zaspanata-ubavica-07.JPG

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg