Зелено Скопје преку култура, наука и технологија – ова е програмата на “Скопје Креатива 2019“

„Скопје Креатива 2019“, почнувајќи од 31 мај до 02 јуни, со својата богата фестивалска програма ќе го размрда креативниот потенцијал на градот и низ култура, наука и технологија ќе претстави креативни решенија за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Притоа програмата опфаќа образовен, продукциски и презентациски формат и содржини од широката сфера на креативните индустрии привлечни за граѓани од различна возраст и културни заедници.

zeleno-skopje-preku-kultura-nauka-i-tehnologija-ova-e-programata-na-skopje-kreativa-2019-001.jpg

„Скопје Креатива 2019“ годинава ќе се реализира под мотото „Зелено Скопје”, кое симболички ја содржи идејата за еколошката свест како култура на живеење.

Основниот програмски концепт на фестивалот е развиен од уредничкиот тим на Локомотива, а одредени програмски линии се креирани во соработка со поканети уредници, професионалци од полето на дизајнот, архитектурата, музиката и филмот.

Програмата за дизајн се состои од сегментите „Поддршка и промоција на прототип производи и услуги во сферата на креативните индустрии”, „Брендирање на зелено Скопје” и „Бјутификација на градот”.

Програмата за архитектурата е посветена на „Екологиите на градот” и трансформација на јавниот простор.

Музичката програма ги промовира концептите на рециклирање и „зелено” преку издавање на нова музика и настапи на квалитетни музички автори и диџеи со избор на современа музика и музика од нашето поблиско и подалечно минато.

Филмската програма преку „Кино утро” и „Кино под ѕвездите“ ќе ни прикаже интересен спој на документарни филмови, реклами и патописни репортажи, од архивите на „Вардар филм”.

Дополнително „Скопје Креатива 2019” ќе понуди креативни работилници за деца, театар, „Ремиксувај ја културната стварност” или изложба на редизајни на постери за македонски филмови, корици на музички албуми и на книжевни дела, „Редефинирај ја својата реалност” или презентации на иновации каде се спојува креативноста со технологијата, интернет технологијата и активизмот, и „Еко Сфера” или поп-ап стор за дизајн, книги и музички изданија од домашни автори и издавачи.

Програмата е сработена од професионалци од различни креативни сектори вклучувајќи уметници и културни работници, здруженија на граѓани, локални и независни културни институции, формални и неформални групи на граѓани и инцијативи, факултети, професори, студенти, фондот за поддршка на иновативност, претставници на бизнис секторот и самостојни претприемачи.

Целосен и детален преглед на програмата – тука.

Организатор на фестивалот е здружението на граѓани Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а партнери и соработници на фестивалот се Кино Култура, МКЦ, Театар на Навигаторот Цветко, ПМГ Рекордингс, Колектив Ветерница, Аксиома - асоцијација за културна соработка и истражување, издавачка куќа Бегемот, МакеДокс, Вардар филм, Архитектонски факултет - Скопје, Шумарски факултет - Скопје, ЈП Паркови и зеленило, Општина Центар, Државен студентски центар „Скопје“ и Фонд за иновации и технолошки развој. Медиумски спонзори се: kliping.mk и Канал 103.

Фестивалот се реализира со поддршка на град Скопје.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg