7 органи без кои можеме да преживееме (донекаде)
Знаевте ли дека е возможно човек да живее без желудник? А, дека може да преживее и без дебело црево?

Не треба да дискутираме за тоа колку напреднала медицината, и тоа само во изминативе 50-тина години.
Ако некогаш луѓето умирале од најобична инфекција, денес хирурзите оперираат, па дури и отстрануваат органи како хранопровод и желудник и им помагаат на пациентите да продолжат со колку-толку нормален живот.
Без кои органи можеме да преживееме (донекаде)?
Слепо црево
Слепото црево е мал орган прикачен на големото црево чија вистинска функција е мистерија и за експертите.
Овој орган може да се воспали, поради што се прави операција за неговото отстранување, што значи докажано е дека може да се живее без него.
Но, интересно е што иако го перципираме како бескорисен орган, веројатно останат во текот на еволуцијата на човекот, понови истражувања откриваат некакви можни функции.
Сосема возможно е да служи како резервоар за бактерии кои му требаат на дигестивниот систем, а се претпоставува и дека има некаква улога во имунолошкиот систем.
Жолчно ќесе
Жолчното ќесе, познато и како жолчка, е мал орган кој се наоѓа под црниот дроб.
За разлика од слепото црево, функцијата на жолчното ќесе е позната – има важна улога во дигестијата на храната.
Но, постои операција и за отстранување на жолчното ќесе кога има проблеми со овој орган.
Што значи, возможно е да се живее и без жолчно ќесе, иако кај некои лица може да се јават несакани ефекти, како дијареја, кои траат до шест месеци по операцијата за отстранување.

Бубрег
Бубрезите како филтри на крвта во организмот и се неопходни за нашето тело. Но, и само еден бубрег е доволен за оваа функција, секако, доколку е здрав.
Токму поради ова е возможна трансплантација на бубрег од жив донор.
Желудник
Колку и да звучи бизарно, возможно е да се преживее без желудник, но секако, со значителни промени во животните навики.
Желудникот може да биде делумно или целосно отстранет поради рак, чир или операција за слабеење. И, во овој случај храната ќе оди директно во цревата.
Сепак, бидејќи ќе настане драстична промена на системот за дигестија, ќе треба постојат надзор од лекар, пиење суплементи и многу внимавање на исхраната.
Дебело црево
Дебелото црево е како последната станица во дигестивниот систем каде се апсорбира водата од храната што сме ја внеле и се формира изметот кој се исфрла од телото.
За разлика од тенкото црево, дебелото црево не апсорбира хранливи материи, па возможно е да се живее без него.
Во зависност од видот на заболувањето, може да се отстрани дел или целото дебело црево, а и во овој случај ќе бидат потребни промени во секојдневните навики и, секако, адаптирање.
Во некои ситуации, остатокот од дебелото црево може да се поврзе со аналниот отвор, но доколку ова не е изводливо, тогаш се става стома.

Хранопровод
Постои и операција за делумно или целосно отстранување на хранопроводот, најчесто поради рак. Што значи, возможно е да се живее и без овој орган, иако е факт дека нема да биде лесно.
Во некои ситуации хирурзите ги поврзуваат желудникот и грлото, но некогаш е потребна и цевка за хранење.
Ќе мора да се направат и многу промени во начинот на исхрана и потребен е постојан лекарски надзор.
Но, ваквите операции се реткост, што значи мали се шансите некој да се најде во ваква ситуација.
Бел дроб
Како бубрезите, и еден бел дроб може да биде доволно за го одржува телото во живот.
Кога едното белодробно крило е отстрането, се случува другото постепено да се зголеми за да надополни за намалениот капацитет.
Доколу останатиот бел дроб е во добра состојба, може да се има нормален живот и единствено да постојат некои мали ограничувања во физичките способности.

Спирова С. | Црнобело
