Претставени Кумот и Здравичарот за Бадник 2025 од здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје
- Детали
- четврток, 12 декември 2024
Бадникарите сигурно зачекорија во четвртата деценија од постоењето и успешната и делотворна работа. Поддршка и помош пристигнуваат од сите страни, нивната иницијатива за традиционална дружба и прослава на Бадник доби јасни и неповторливи контури и прерасна во хуманитарно движење и еколошка акција за чиста и убава околина со веќе традиционалното садење на млади бадникови стебла на падините на Водно во месноста Краста.
Скопјани одамна покажаа што мислат за Бадникарите и нивните следбеници, но се би било залудно да ги нема со нив младите и полни со елан и идеи кои непоколебливо стојат на чело и полека ја преземаат носечката улога од ветераните, на нивно огромно задоволство!
Годинава со видливо одушевување и безмалку со трема, како што и самите признаваат, двете водечки Бадникарски функции ги прифатија едногласно Раде Макеларски и Атанас Петров. Првиот попознат како Раде Макпримат ќе биде Кум кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2024, а вториот кого скопјани го знаат како Атанас Торус ќе ја каже здравицата на платото пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски на 6 јануари во пресрет на најголемиот христијански празник Божик.
Кумот Раде Макеларски е роден 1952 година. Неговата работна кариера како економист започнала во Технометал-Македонија, потоа бил претставник на фирмата Руди Чајевац од Бања Лука за Македонија и Косово и Метохија, па во Технометал Вардар и во Новосадска индустрија за текстил како претставник за Македонија и Косово и Метохија. Својата работна кариера ја продолжува во семејната фирма на неговиот брат, Макпримат како комерцијален директор, се до неговото пензионирање.
Раде и неговиот брат, кој инаку беше познат одбојкарски репрезентативец, беа спонзори на женскиот одбојкарски клуб Вардар-Макпримат, како и на македонската женска одбојкарска репрезентација за нивниот настап на Светското првенство во Данска и Норвешка. Исто така, тие беа спонзори и на многу други спортски и културни настани во Македонија.
Она на што Раде посебно се гордее, се неговите 2 сина и 5те машки внучиња.
Здравичарот Атанас Петров е дипломиран архитект, роден 1955 година. Основно образование има завршено во ОУ Браќа Рибар во Скопје, средно училиште во ГУЦ Здравко Цветковски, а високото образование на Архитектонско-градежениот факултет во Скопје.
Како дипломиран инженер архитект, започнал со работа во ГП Пелагонија V-то градилиште Скопје како раководител на објекти, потоа технички директор, а по осамостојувањето на Република Македонија директор на ДОО Подгорица во Црна Гора. Сето ова е во период од 1983 до 1997 година.
Во 1997 година ја напушта Пелагонија и отвора семејна фирма ТОРУС ИНЖЕНЕРИНГ која се занимава со проектирање и изведба на објекти. Во изминативе 27 години ТОРУС ИНЖЕНЕРИНГ има изведено и проектирано голем број објекти не само во Македонија, туку и на европскиот пазар, во согласност со светските стандарди и норми, грижејќи се за квалитетот и запазување на роковите за изведба.
Во 2007 година добива награда за претприемач на годината за брзо растечка компанија.
Атанас Петров исто така е и голем љубител на спортот, па оттаму одреден период го спонзорираше кошаркарскиот клуб ТОРУС кој се натпреваруваше во Првата македонска кошаркарска лига.
Кумот и Здравичарот имаат огромен удел во развојот на националниот спорт во Македонија.
Во очекување сме на возбудливи бадникарски собитија, се по ред како и што сме договорени!