„Stars Symphony“: Одржана прес-конференција за најголемиот музички спектакл на 20 мај
- Детали
- петок, 09 мај 2025
Денес, во просториите на арената „Борис Трајковски“, се одржа прес-конференција по повод најавата на спектакуларниот музички настан Stars Symphony, кој ќе се одржи на 20 мај.
Концертот е во организација на Битолски Камерен Оркестар – IWConnect, и ќе понуди спој на најголемите поп и рок хитови од 80-тите и 90-тите години, како и настап на светски познатиот Шилер со нашиот оркестар.
На прес-конференцијата присуствуваа:
- Владимир Димовски, организатор на настанот и основач на Битолски Камерен Оркестар и НУ Камерен Оркестар на Битола,
- како и дел од изведувачите од првиот дел од програмата: Јана Бурческа, Ана Петановска и Горан Наумовски.
- Виртуелно присуство имаше и самиот Шилер, кој испрати поздрав до публиката.
Јана Бурческа ја отвори прес-конференцијата и изјави:
„Добро знаете која е темата на денешната прес-конференција – целта е да го најавиме и потенцираме музичкиот спектакл што ќе се одржи на 20 мај во арената 'Борис Трајковски', со почеток во 20:00 часот. Станува збор за проект на Битолски Камерен Оркестар кој за многу кратко време ја освои публиката и стана препознатлив бренд. На проектот работи голем тим на музичари и професионалци. Со нас денес е и одговорниот за проектот – Владимир Димовски, диригент, организатор и креатор на оваа музичка приказна. На сцената, покрај Шилер, ќе настапат и моите драги колеги: Ана Петановска, Горан Наумовски, Андријана Јаневска, Наде Талевска, Полина Тасева, Викторија Лоба и многу други. Во однос на картите, би сакала да напоменам дека останати се уште мал број, па ги советувам сите заинтересирани да побрзаат. Билетите се достапни преку yournextevent и во Тобако Капаел. Очекуваме навистина спектакуларна вечер!“
Во своето обраќање, Владимир Димовски го истакна значењето на овој проект за македонската музичка сцена и додаде:
„Stars Symphony е продолжение на успешниот проект што минатата година беше реализиран на Стадионот Петар Милошевски во Битола – спектакл кој траеше 7 и пол часа, од 20:00 до 2:30 по полноќ, и беше проследен со огромен интерес од над 5.000 посетители. По барање на публиката, одлучивме ова уникатно искуство да го донесеме и пред скопската публика, во нешто поразличен формат. Концертот ќе биде поделен на два дела:
Првиот дел: MTV The Greatest Hits од 80-тите и 90-тите години, кој ќе трае 2 часа и 15 минути, со кратка пауза;
Вториот дел: Настап на Шилер, кој ќе настапи заедно со нашиот Битолски Камерен Оркестар.
Очекуваме уште еден врвен музички спектакл и со нетрпение очекуваме да ја споделиме оваа енергија со скопската публика“.
Дополнително, Ана Петановска и Горан Наумовски ги споделија своите впечатоци:
Ана Петановска:
„Морам да изразам огромна благодарност до Владимир што повторно сум дел од овој проект. Многу ми е драго и чест ми е што учествувам. Овој пат ќе има уште поинтересен материјал во однос на репертоарот – мислам дека сите ќе се пронајдат во таа магија и носталгија, исто како и јас. Ова е едно одлично искуство каде што ги спојуваме МТВ хитовите и Шилер Симфонијата.“
Горан Наумовски:
„Голема чест и задоволство ми е што сум дел од овој проект. Битолскиот Камерен Оркестар и Владимир се големи професионалци и ентузијасти. Секој настан во кој сум бил вклучен со нив бил исполнет со позитивна енергија. Ова е тим од луѓе кои ја сакаат и живеат музиката, и сигурен сум дека сите присутни ќе ја почувствуваат таа енергија на концертот.“
Шилер во своето видео-обраќање до македонската публика додаде:
„Навистина ми е задоволство што повторно сум во Македонија, само десет месеци по мојата последна посета. Последен пат бев тука во јули, и сега сум повторно во Скопје и многу сум среќен што сум дел од овој неверојатен проект.
На прашањето дали ова ќе биде единствениот концерт или ќе има и други проекти, сакам да кажам дека се надевам дека ќе има уште многу концерти во Македонија, затоа што ја сакам земјата, ја сакам храната, ги сакам луѓето, и секако ја сакам музиката. Можеби во иднина ќе има уште шанси да се вратам и повторно да настапам, се надевам повторно со Битолскиот Камерен Оркестар, а можеби и други можности ќе се отворат. Секогаш сум љубопитен и сакам да патувам.
Едвај чекам да се вратам овде повторно за неколку недели. Ви благодарам многу.“
Билетите се достапни онлајн на следниот линк. За повеќе информации за настанот, посетете ги профилите на социјалните мрежи на Битолски Камерен Оркестар на Facebook и Instagram.