Д-р Александра Георгиева: „Здравите навики се инвестиција во сопственото здравје“

Неодамна Здружението на лекари специјализанти(ЗЛС) го промовираше новиот водич за здрав живот „Како до здрави навики“, кој нуди јасни и практични препораки за подобрување на животниот стил кај сите генерации.

d-r-aleksandra-georgieva-zdravite-naviki-se-investicija-vo-sopstvenoto-zdravje-01.JPG

Еден од авторите на овој водич е д-р Александра Георгиева, спец. кардиолог, со која разговараме за насоките и темите во прирачникот кои се од исклучителна важност за здравјето на сите граѓани.   

Како дојде до идејата за изработка на овој водич?

Д-р Георгиева: Како лекари кои секојдневно работат со пациенти во рамки на проектот „Стоп за лоши навики“, често се соочуваме со предизвиците што произлегуваат од нивниот животен стил и навики. Последиците од тие навики ги согледуваме директно – преку дијагнози кои можат да бидат спречени, па дури и целосно избегнати.

Сепак, ограничениот временски простор за еден преглед – кој најчесто трае околу 15 минути – не дозволува доволно простор за подетална комуникација и објаснување на врската помеѓу секојдневните избори и појавата на хронични заболувања. Токму од оваа потреба произлезе идејата за креирање на ваков водич – како поддршка и продолжение на разговорот меѓу лекарот и пациентот. Целта е пациентите да добијат проверени информации и практични совети, кои ќе можат да ги прочитаат и применат и надвор од ординацијата.

Кои се главните теми опфатени во водичот?

Д-р Георгиева: Водичот ги опфаќа клучните аспекти од секојдневието кои директно влијаат на здравјето – од хидратација и физичка активност, до справување со хронични состојби како хипертензија, предијабет и дијабетес, па сè до последиците од штетни навики како пушење и прекумерна консумација на алкохол.

Прирачникот води низ мали, но значајни промени во исхраната, движењето и секојдневниот избор – промени кои навистина можат да направат разлика. Не се работи за магични формули или брзи решенија, туку за реални, применливи стратегии со кои луѓето може да се чувствуваат подобро, посилно и поисполнето. Водичот не е наменет само за пациенти – туку за сите кои сакаат да направат позитивен исчекор кон поздрав начин на живот.

Темите не се избрани случајно – тие произлегоа од внимателно согледување на реалната епидемиолошка слика во државата. За жал, во Македонија недостигаат точни податоци и анализи за најчестите заболувања и штетни навики. Но, преку секојдневното искуство во ординациите, преку разговори со колеги и преку достапните статистики, ја увидовме поразителната слика – драматичен пораст на детска и адолесцентна дебелина, алармантно висок број пациенти со хипертензија, растечки број случаи на дијабетес, како и сериозни последици од злоупотреба на алкохол – вклучително и поврзаноста со карцином на грлото.

d-r-aleksandra-georgieva-zdravite-naviki-se-investicija-vo-sopstvenoto-zdravje-02.JPG

Дополнително, препознавме и потреба од едукација за теми кои речиси и да не се споменуваат во јавниот дискурс, како што е „синдромот на празнично срце“, особено кај младата популација, како и атријалната фибрилација – најчестата аритмија во клиничка пракса.

Сето ова го вклучивме во водичот за да создадеме едно сеопфатно, но разбирливо четиво што ќе биде достапно за сите – и ќе може навистина да им помогне на луѓето да ги препознаат ризиците и да направат позитивни промени во сопствениот живот.

Дали кај младите генерации се развива свеста за водење поздрав живот и за последиците од лошите животни навики?

Д-р Георгиева: Младите денес имаат пристап до огромен број информации, особено преку социјалните мрежи и интернет-платформи. Тоа е одлична можност за едукација и личен развој – и младите сè почесто ја препознаваат важноста на здравите навики, ги разбираат ризиците од штетни избори и се подготвени на промени. Нивното познавање на англискиот јазик овозможува пристап до глобални експертски извори, што дополнително го збогатува нивното знаење.

Но, од друга страна, токму тие истите платформи понекогаш шират и дезинформации, што создава конфузија. Во тој вртлог на „совети“ – кои честопати се непроверени или екстремни – младите може лесно да се изгубат. Посебно е загрижувачка појавата каде што физичкиот изглед се претвора во тренд, наместо во одраз на внатрешно здравје – нешто што директно влијае на менталната состојба и ја зголемува анксиозноста, особено под притисокот на „совршениот“ живот што се прикажува онлајн.

Дополнително, често се потценуваат долгорочните последици од лошите навики – пушењето, лошата исхрана, недостатокот на сон – бидејќи не даваат веднаш симптоми. Токму затоа, наша задача како лекари е преку едукација и човечки пристап, да ги доближиме овие теми на разбирлив и релевантен начин.

d-r-aleksandra-georgieva-zdravite-naviki-se-investicija-vo-sopstvenoto-zdravje-03.JPG

Затоа и го создадовме водичот „Како до здрави навики“ – со јазик близок до младите, со конкретни примери од секојдневието, и со цел да им понудиме алатки и поддршка. Здравите навики не треба да бидат тренд што трае една сезона – туку стил на живеење што носи долгорочна корист.

Секако, мора да ја препознаеме и реалноста – не сите млади имаат еднаков пристап до информации и ресурси. Кај младите кои доаѓаат од социјално загрозени категории, честопати постои ограничена можност за избор на поздрави навики. Токму затоа е важно ова четиво да биде достапно на мајчин јазик, во печатена форма, и да стигне до што повеќе луѓе – како сигурен извор на информации и мотивација.

Верувам дека младите имаат капацитет и волја – само треба да им дадеме можност, насока и вистински пример.

Која е вашата порака до граѓаните во однос на промена на малите навики кои можат да донесат големи придобивки за здравјето?

Д-р Георгиева: Дури и во ерата на современа медицина, технологија и напредни терапии – една стара поговорка останува универзална: „Подобро е да спречиш, отколку да лекуваш.“ И навистина е така.

Мојата порака до граѓаните е да не го потценуваат сопственото влијание врз сопственото здравје. Не чекајте симптом за да реагирате. Превенцијата е најдобриот третман – достапна е, бесплатна е, и секогаш започнува од една мала одлука: да се грижиме за себе.

Најчитани неделава