Засади надеж, засади промена – грижи се за природата како што се грижиш за себе

Скопје, 2025 - Што ако промената не започнува од некој друг, туку од вас – од вашиот двор, балкон, маало или улица? Што ако зеленилото не е само украс, туку решение за загадувањето, стресот, скапата храна и сè почестите горештини?

zasadi-nadezh-zasadi-promena-grizhi-se-za-prirodata-kako-shto-se-grizhish-za-sebe-01.jpg

Во четири видеа, Војо нè носи низ урбаната природа – меѓу градини со зеленчук, дрвореди, сенки и иновативни зелени решенија. Со сопствен пример, ни покажува како одржливиот начин на живеење не е комплициран – напротив, е едноставен, убав и достапен за секого.

Градини со зеленчук – храна, здравје и малку среќа на дланка

Може ли балконот да стане мала зелена оаза? Или запуштениот дел од дворот да се претвори во градина? Војо ни покажува како неколку саксии со домати, салата или босилек можат да значат многу – за здравјето, атмосферата во домот, па дури и за нашата благосостојба. Ова видео е инспирација за сите кои сакаат да направат нешто корисно, убаво и одржливо – со свои раце.

Дрвјата – нашите природни климатизери

Во жешките градски денови, едно дрво може да направи разлика. Војо шета покрај дрвореди, засадува младо дрво и зборува за нивната улога во борбата против климатските промени. Ќе дознаете зошто е важно да се засади вистинското дрво, на вистинското место. И колку многу значи едно место под сенка за секојдневието на сите нас.

Урбан биодиверзитет – повеќе живот во градот

Пчелите, пеперутките, врапчињата и зелените коридори се дел од еден жив свет што често го забораваме. Но тој е тука – меѓу нас, дури и во срцето на градот. Војо зборува за тоа колку е важно да му оставиме простор на животот – не само заради природата, туку и заради нас самите. Ќе видите како се создаваат зелени оази и зошто секое цветче, грмушка или лист е дел од едно поголемо добро.

Урбани практики – малите навики што го менуваат градот

Се искачуваме со Војо на зелениот кров на ГТЦ, каде небото е поблиску, а градот помирен. Зелените кровови, вертикалните градини и одржливите практики (како амбалажите за повеќекратна употреба, селекцијата на отпадот и алтернативниот транспорт) стануваат дел од градската култура. Ова видео ни покажува дека не ни треба голема инвестиција, туку мала промена во навиките – и желба да се грижиме за светот околу нас.

Без разлика дали ќе засадите домат, ќе создете засолниште за пчелите или ќе изберете торба што се користи повеќекратно – вие сте дел од промената. Овие четири видеа се покана за дејство, за нова навика, за посветла и позелена иднина.

Најчитани неделава