Да се грижиш со знаење: ветеринарната медицина како животна определба

Да сакаш животни не значи само да ги галиш кога се весели. Вистинската љубов кон животните се препознава во моменти кога се болни, исплашени и ранливи. Кога треба да им се помогне со трпение, прецизност и знаење. Токму тука започнува патот на ветеринарната медицина – професија што ја спојува хуманоста со науката, а емотивноста со одговорноста.

da-se-grizhish-so-znaenje-veterinarnata-medicina-kako-zhivotna-opredelba-01.JPG

Матеј Александровски, студент на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, уште од основно образование знаел дека сака да го посвети животот токму на таа мисија.

„Фасциниран од разновидноста и бескрајните видови на животни на нашата планета, бев поттикнат да ги проучувам овие суштества на многу подлабоко ниво уште за време на моето основно образование. Исто така самата емотивна конекција што ја имам јас со животните е многу слободна, односно верувам дека врската човек-животно е нешто што ни ја смирува душата и не прави повеќе среќни и поблиски со природата“, истакна Матеј. 

da-se-grizhish-so-znaenje-veterinarnata-medicina-kako-zhivotna-opredelba-02.JPG

Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје (ФВМС)  нуди единствена, интегрирана програма во траење од шест години, по чиј завршеток студентите се стекнуваат со титула „Доктор по ветеринарна медицина“. 

Наставата е теоретска и практична, базирана на современи знаења и стручна поддршка од врвни професори, со силен акцент на етичкиот пристап во грижата за животните.

da-se-grizhish-so-znaenje-veterinarnata-medicina-kako-zhivotna-opredelba-03.JPG

 Како дел од интернационализацијата на високото образование, Факултетот нуди и целосна програма на англиски јазик, отворена за домашни и странски студенти кои сакаат да ја изберат Македонија како своја академска дестинација.

„Благосостојбата на животните во современето општество секојдневно се зголемува, наша работа како студенти при ФВМС и идни доктори по ветеринарна медицина е да ги едуцираме сопствениците на животните дека благосостојбата мора да е на највисоко ниво, односно како што ние луѓето живееме со сите слободи треба истото да им го пружиме и на животните без исклучоци“, рече Матеј.

da-se-grizhish-so-znaenje-veterinarnata-medicina-kako-zhivotna-opredelba-04.JPG

По завршување на основните студии, Факултетот нуди можности за понатамошна едукација преку специјалистички и докторски студии. Студентите можат да се профилираат во областа на безбедност и квалитет на храна – програма наменета за сите биомедицински и биотехнички струки, со цел да се надгради знаењето за здравата и контролирана храна – од производството, преку пакувањето, до продажбата. Третиот циклус, пак, е насочен кон развој на научно-истражувачки компетенции и создавање на кадар способен за сериозен научен придонес во ветеринарната и сродните области.

Но, она што ја прави оваа професија навистина важна е нејзиното влијание врз општеството во целина. 

„Примарна директна обврска на еден доктор по ветеринарна медицина е да го зачува здравјето и благосостојбата на животните, но непознат факт е дека примарна индиректна обврска на доктор по ветеринарна медицина е да се зачува и здравјето на луѓето. Преку вакцинација на животните, контрола на штетниците, односно со дезинфекција, дезинсекција и дератизација, преку прегледот на хигиената и квалитетот на храната од животинско потекло ние придонесуваме кон здрави животни, здрави луѓе и здрава животна средина“, потенцираше студентот од ФВМС. 

da-se-grizhish-so-znaenje-veterinarnata-medicina-kako-zhivotna-opredelba-05.JPG

За младите што се двоумат каков пат да одберат, а се љубители на животни, Матеј испрати длабока порака.

„Јас би рекол дека интеракцијата со животните и со самата природа е чекор напред кон здрав и среќен живот, ако се грижите вие за животните тие за вас ќе се грижат. Оваа прекрасна наука што е ветеринарната медицина ви нуди прилика да се приклучите во една хумана и благородна мисија, каде што секојдневно ќе придонесувате за благосостојбата на животните, но и за здравјето на луѓето, преку сочувство, знаење и емпатија“, заклучи тој. 

da-se-grizhish-so-znaenje-veterinarnata-medicina-kako-zhivotna-opredelba-06.JPG

Ветеринарната медицина е избор на однос кон светот. Избор да се делува, да се грижи и да се живее со отворено срце за секое живо суштество. И токму затоа, оваа професија е потребна – денес, повеќе од кога било.

Најчитани неделава