Телеком и Министерството за дигитална трансформација креираа AI-решение за полесно пребарување податоци

Македонски Телеком и Министерството за дигитална трансформација организираа заедничка работилница за креирање иновативно решение базирано на вештачка интелигенција (AI) за полесно пребарување на отворениот портал data.gov.mk.

telekom-i-ministerstvoto-za-digitalna-transformacija-kreiraa-ai-reshenie-za-polesno-prebaruvanje-podatoci-01.jpg

На решението работеа дигитални таленти и инженери од Македонски Телеком и студенти- волонтери во министерството коишто се вклучени во работа на национални проекти за дигитализација.

„Со оваа иницијатива, покажуваме како соработката помеѓу институциите, приватниот сектор и младите таленти може да резултира со конкретни, корисни решенија за граѓаните. Решението базирано на вештачка интелигенција ќе го олесни пристапот до податоците на порталот data.gov.mk и претставува чекор напред во нашата заложба за транспарентност, дигитализација и ефикасна јавна администрација. Благодарен сум на Македонски Телеком за партнерството и на волонтерите од нашето Министерство што со ентузијазам се вклучија во овој процес – ова е пример како заедно ја градиме дигиталната иднина на нашата земја.“ - изјави Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

telekom-i-ministerstvoto-za-digitalna-transformacija-kreiraa-ai-reshenie-za-polesno-prebaruvanje-podatoci-02.jpg

Решението – „AI асистент“ ќе им овозможи на граѓаните полесен пристап и полесно пребарување на податоците што се достапни на платформата data.gov.mk. Платформите за отворени податоци овозможуваат податоците да се систематизираат и да се објавуваат на лесно разбирлив начин, што овозможува понатамошна анализа и користење од различни корисници, вклучувајќи и граѓански организации и компании. Новиот AI асистент ќе овозможи и подобрување на услугите и ефикасноста во јавниот сектор преку полесен и побрз пристап до информациите.

telekom-i-ministerstvoto-za-digitalna-transformacija-kreiraa-ai-reshenie-za-polesno-prebaruvanje-podatoci-03.jpg

На работилницата, студентите работеа под менторство на професионалци од Телеком и го адаптираа и го тестираа AI асистентот којшто користи OpenAI GPT технологија за обработка на барањата и испорака на структуриран одговор кон корисниците. AI асистентот ќе биде достапен за сите граѓани наскоро.

telekom-i-ministerstvoto-za-digitalna-transformacija-kreiraa-ai-reshenie-za-polesno-prebaruvanje-podatoci-04.jpg

„Со ова иновативно AI-решение, ја олеснуваме достапноста до важни податоци и ја поттикнуваме транспарентноста и дигиталната вклученост. Нашите дигитални таленти и инженери, заедно со младите волонтери од министерството, покажаа како со соработка може да се создадат напредни технолошки решенија. Но, ова е само еден чекор, ние ќе продолжиме да го зајакнуваме партнерството со Министерството за дигитална трансформација, со што ја зајакнуваме нашата посветеност да работиме за заедничка дигитална иднина за сите граѓани“. – изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком. 

telekom-i-ministerstvoto-za-digitalna-transformacija-kreiraa-ai-reshenie-za-polesno-prebaruvanje-podatoci-05.jpg

Работилницата се организираше во пресрет на „Western Balkan Digital Summit, Skopje 2025“, којшто почнува утре под покровителство на Министерството за дигитална трансформација, а се реализира во партнерство со Македонски Телеком.

Најчитани неделава