Марија Милошеска, Менаџерка за експанзија: „Во dm секогаш се трудиме да градиме култура во која секој член се чувствува слушнат, поддржан и вреднуван“
- Детали
- петок, 03 октомври 2025
Марија Милошеска е дел од компанијата dm drogerie markt како менаџерка на Одделот за експанзија и веќе 14 години ја гради својата кариера заедно со организацијата, истакнувајќи го значењето на клучните принципи и вредности за развој на тимот и за успешно работење.

Таа со гордост се потсетува на почетоците – кога мал тим од неколку луѓе помогна да се отворат првите dm дрогерии во Македонија – но и на трансформацијата во она што е денес: развиени сектори, над 300 вработени и 24 продажни објекти. Низ разговор, Марија споделува како трајните вредности ја обликуваат културата во организацијата, мотивираат посветеност и создаваат услови за одржлив раст и тимска синергија.
Марија, веќе со години си дел од dm drogerie markt во Македонија и за твоето време во компанијата сигурно имаш многу што да ни раскажеш. Но, ајде да почнеме од почеток: Кога првиот ден дојде да работиш тука, дали очекуваше дека твојата врска со dm ќе трае толку долго?
Искрено, не можев да претпоставам дека моето патување со dm ќе трае толку долго, но од првиот ден почувствував дека ова е место каде што можам да се развивам и да напредувам. Она што најмногу ме изненади уште на почетокот беше отвореноста на тимот и културата во компанијата – вредности кои не се само зборови на хартија, туку реално се живеат секојдневно. Токму тоа чувство на припадност и можноста постојано да учам и растам во професионална смисла беа причината да останам и да ја градиме оваа приказна заедно.
Како жена на висока и одговорна функција, каков е твојот став во поглед на еднаквите можности во светот во кој живееме? Позитивните примери како што си ти ни покажуваат дека во бизнисот оваа состојба се менува, но дали случајот е ист и во останатите сфери од животот?
Верувам дека еднаквите можности не треба да бидат исклучок, туку стандард – и тоа во сите сфери од животот, не само во бизнисот. Во dm поголем дел од вработените се жени, а голем дел од нив се и на раководни функции. Жените имаат подеднаква можност да напредуваат и да се развиваат, а мојата приказна е само еден од многуте примери. Сепак, свесна сум дека во поширокото општество сè уште постојат предизвици и бариери. Затоа е важно да продолжиме да даваме примери, да поддржуваме и да охрабруваме, за следните генерации ова прашање да не биде тема за дискусија, туку реалност што се подразбира.
Ајде за момент да излеземе од професионалните разговори. Каква е твојата врска со брендот за кој работиш? Што најчесто бараш во дрогериите на dm, кој е рафтот што секогаш го посетуваш прв?
Иако сум дел од тимот веќе 14 години, сè уште со исто задоволство ги посетувам нашите продавници како и секој друг клиент. Мојата врска со брендот е лична – верувам во производите и вредностите што ги носиме. Најчесто прво застанувам кај рафтот со козметика за нега на лице и коса, бидејќи сакам да откривам нови производи и да се грижам за себе. А потоа секогаш ме „заведуваат“ и сезонските производи или миризливите свеќи – тоа ми е мојата мала dm радост. И покрај тоа што полиците со средства за домаќинство не звучат како „примамливи полици“ за повеќето луѓе, јас навистина уживам во нив и се задржувам подолго време токму во овој дел. Понудата на производи во овој дел навистина изобилува со иновативни решенија кои го олеснуваат процесот на чистење и го претвораат рутинското чистење во пријатна и забавна активност. Моето откритие е дефинитивно Denkmit сапунот за флеки со четка. Како личност која е постојано во движење еден ваков производ да биде во мојата чанта ми е навистина од помош да се снајдам во непредвидени ситуации .

Како менаџерка на одделот за експанзија, ја имаш одговорната задача секојдневно да работиш со тим на професионалци од dm drogerie markt. Тешко ли е да се одржува тимската синергија?
Секако дека водењето тим носи свои предизвици, но за мене тоа е и најубавиот дел од работата. Тимската синергија не се создава преку ноќ – таа бара доверба, јасна комуникација и заеднички цели. Во dm секогаш се трудиме да градиме култура во која секој член се чувствува слушнат, поддржан и вреднуван. Моја улога е да ја препознаам силата на секој поединец и да ја поврзам со останатите, за заедно да создаваме резултати. Кога сите во тимот се мотивирани и знаат дека нивниот придонес е значаен, синергијата доаѓа природно.
Колку често се менува изгледот на дрогериите и рафтовите? Дали измените зависат од набавката на нова роба, од дизајн трендовите кои се актуелни во периодот или пак од нешто сосема различно?
Изгледот на нашите дрогерии и организацијата на рафтовите се менуваат редовно, но секогаш со јасна цел – да им го олесниме изборот и купувањето на нашите купувачи. Најчесто тоа зависи од воведување на нови брендови и производи, од сезонски промени и, секако, од трендовите во уредувањето на малопродажниот простор. Сакаме секое влегување во dm да биде пријатно искуство, па затоа вложуваме и во дизајн и во функционалност. Од друга страна, имаме и стандарди на интернационално ниво кои обезбедуваат нашите купувачи да ја препознаат истата структура и квалитет без разлика дали влегуваат во дрогерија во Скопје или Виена.
Една работа која е впечатлива кај сите дрогерии на dm, без разлика на локацијата, е тоа што сите го имаат истиот стил и изгледаат скоро идентично? На што се должи овој избор?
Тоа е навистина една од работите по кои dm се издвојува – без разлика во кој град или држава ќе влезете во наша дрогерија, секогаш ќе ве пречека познат амбиент. Ова не е случајно, туку е дел од нашата стратегија како бренд. Сакаме купувачите да се чувствуваат пријатно и сигурно, без разлика дали доаѓаат редовно, првпат ја посетуваат нашата дрогерија или пак пазарат додека патуваат. Унифицираниот стил им овозможува лесно да се снајдат, да знаат каде да ги најдат саканите производи и да уживаат во истото квалитетно искуство секаде. Со тоа градиме препознатливост и доверба која е еднакво силна на сите пазари каде што работиме.
dm drogerie markt помеѓу луѓето важи за демократски бренд: препознатлив, лесно достапен и исплатлив. Но, колкав предизвик е да се организира целата оваа мрежа на дрогерии? Едноставно ли е да се обезбеди производите на dm drogerie markt да стигнат до секого?
Организирањето на мрежата на dm drogerie markt е навистина предизвикувачко. Потребна е прецизна логистика и координација со добавувачите за секоја продавница да биде навремено снабдена со точните производи. Покрај тоа, мора да се следат залихите, да се планираат нарачките и да се одржуваат високите стандарди на брендот, така што сите дрогерии да изгледаат и функционираат на ист начин. И покрај сложеноста на процесот, целта е потрошувачот да има едноставно и пријатно искуство при купувањето.