„Животот во гарсоњера нè научи како се останува заедно“ – Игор и Ана Дурловски

Во новата епизода на „Нешто Конкретно“, посветена на темата бракот и заедништвото наспроти индивидуалноста и силата на поединецот, Ана и Игор Дурловски ја отворија својата најискрена семејна приказна досега. Од животот во гарсоњера во друга држава, до годините исполнети со предизвици, љубов и заеднички одлуки – разговорот беше искрен, емотивен, но и исполнет со хумор.

zhivotot-vo-garsonjera-ne-nauchi-kako-se-ostanuva-zaedno-igor-i-ana-durlovski-01.JPG

Епизодата донесе и еден несекојдневен момент – Игор и Ана првпат „отпеаја“ домашна кавга во оперска верзија, покажувајќи како звучи кога сопран и бас ќе си „згрмат“ по дома.

„Достоинството не се учи – или го имаш, или го немаш“, истакна Игор Дурловски, зборувајќи за вредностите што го водат и во животот и во бракот.

Ана пак отворено проговори за љубовта како нешто што не секогаш се наследува:

„Потекнувам од семејство како и повеќето од нашето време, во кое љубовта не се покажуваше многу. Родителите ретко нè гушкаа, ниту пак покажуваа физичка емоција меѓу себе. Затоа ќе кажам дека вистинското значење и големината на љубовта ја научив од сопругот Игор“.

zhivotot-vo-garsonjera-ne-nauchi-kako-se-ostanuva-zaedno-igor-i-ana-durlovski-02.JPG

Парот беше единствен и околу одлуките во бракот.

„Сите одлуки ги донесовме заедно – за сè,“ нагласи Игор, а Ана се надоврза:

„Битките ни се заеднички, затоа сме силни“ - алудирајќи и на специфицната ситуација во која се најдоа пред неколку години.

Посебно место во разговорот имаа нивните скромни почетоци.

„Животот во гарсоњера нè научи како се останува заедно“, рекоа тие.

„И да се искараш – мораш да се смириш, затоа што нема друга соба“, додаде Ана.

zhivotot-vo-garsonjera-ne-nauchi-kako-se-ostanuva-zaedno-igor-i-ana-durlovski-03.JPG

Разговорот донесе и низа хумористични детали. Ана призна дека на свадбата се омажила во бел костум и панталони – не за да покаже „кој е маж во куќата“, туку затоа што била штедлива, на што Игор дофрли:

„Егеец сум јас за тоа…“

Ана откри и дека Игор штеди и дома – дури и на штекери: „По еден штекер во соба – доста е“.

Темата се прошири и на родителството.

„Кај и да е, ќе треба да седам на шанк по кафичи за да ја чувам ќерка ми“, призна Игор со насмевка.

На истата „татковска мака“ се надоврза и Димитар Атанасовски, кој исто така беше дел од епизодата.

Димитар Атанасовски и Сара Мејс, пак како помлад брачен пар, отворија поинаква перспектива за партнерството. Тие признаа дека на почетокот се делеле на „мои“ и „твои“ обврски, додека инаетот не ги научил дека во семејството сè е заедничко.

Во дискусијата за улогите во семејството – дали се чувствуваат најкомотно како сопрузи, синови или татковци – мажите отворено признаа:

„Не ни е сигурно ништо“.

Но нагласија дека постојано се преиспитуваат и учат во движење.

На прашањето дали бракот и семејството можат да ја загрозат кариерата, Ана заклучи со силна порака:

„Откако се родија децата, несовршените тонови поради заморот не ги сметав за грешка, туку за моја победа. Кога имаш семејство, музиката добива други, поубави бои“.

Епизодата заврши со суштинско прашање:

Дали нередот во општеството е последица на нередот во семејството? И ако е така – што може секој од нас најпрво да среди дома?

Целата епизода во продолжение:

Најчитани неделава