Претставени Кумот и Здравичарот за Бадник 2026 од здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“
- Детали
- понеделник, 15 декември 2025
За традицијата која трае повеќе од три децении, денес Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“ ги претставија Кумот и Здравичарот за Бадник 2026 - кум е македонскиот претприемач во областа на енергетиката Зоран Кондратенко, а здравицата ќе ја каже нашиот истакнат музичар Јаков Дренковски.

Од здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје денес на прес-конференција беа претставени за јавноста Кумот и Здравичарот за Бадник 2026.
Кум Бадникар за 2026 е Зоран Кондратенко.
Зоран Кондратенко е истакнат македонски, претприемач и експерт во областа на енергетиката, по професија машински инженер, со повеќе од три децении професионално искуство во развојот на енергетската инфраструктура во Македонија и регионот. Роден е во Скопје, во старата градска населба Пaјко Маало. Во Скопје го завршува основното и средното образование, а во 1991 година дипломира на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на кој подоцна ги завршува и постдипломските студии.
Во 1994 година ја основа компанијата Енерго Систем, компанија која под негово раководство прераснува во важен фактор во инженерингот, консалтингот и примената на енергетски технологии. Како генерален директор и ко-сопственик, Зоран е одговорен за стратешко планирање, склучување договори, финансиски менаџмент и координација на инженерски и проектни активности. Денес Енерго Систем е вклучен во големи проекти во областа на гасоводните системи, енергетската ефикасност, обновливите извори и развојот на урбана и индустриска инфраструктура.
Здравицата за 2026 ќе ја каже Здравичарот Јаков Дренковски.
Јаков Дренковски е истакнат македонски музичар кој својата кариера ја започнал во далечната 1978 година со снимањето на неговата прва композиција „Скитник“, добро позната и ден денес. Во неговата 47 годишна музичка кариера, има одржано низа концерти како низ Македонија, така и во повеќе европски градови: Палма де Мајорка, Опатија, Ташкент, Софија, а од 1993 до 2000 година низ Франција.
Јаков Дренковски е роден Центарец во 1953 г. Има живеено во населба Пролет, па во Ново маало, а денес во Кисела Вода. Тој е семеен човек, татко на 2 ќерки и дедо на 3 внуци.

В недела (21.12.2025) напладне во месноста Краста, Одборот за прослава на Бадник во Скопје, и во живо, на своите сограѓани ќе им ги претстави Кумот и Здравичарот за Бадник 2026 соопштувајќи на тој начин дека сè е подготвено за централната прослава на 6-ти јануари на платото пред Соборниот Храм.
Месноста Краста се наоѓа на јужните падини на Водно на патот кон хидрцентралата „Козјак“. Тука скопските Бадникари ги собираат бадниковите гранчиња што на 6 Јануари со години им ги делат на скопјани, на свеченоста на платото пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски во пресрет на Божик- најсветлиот христијански празник.