„Музички вез со џез ритам“ - омаж на македонското музичко наследство

Македонски народни песни во џез аранжмани, изложба на графики, уметничка инсталација и кулинарско доживување го одбележаа четвртото издание на „Трајни културни вредности“, настан на Халкбанк, посветен на афирмација и негување на македонската култура и традиција.

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-01.JPG

Оваа година фокусот беше на музичкото културно наследство, претставено преку несекојдневно мултимедијално доживување насловено „Музички вез со џез ритам“.

„Пред четири години тргнавме на возбудливо патување низ традицијата и културата на нашата земја и го создадовме „Трајни културни вредности“. Проектот од самиот почеток има јасна мисија - да ја афирмира, негува и пренесе македонската култура и традиција на современ, впечатлив и автентичен начин. „Трајни културни вредности“ е повеќе од општествено одговорна иницијатива на Халкбанк. Тоа е долгорочна културна платформа што го спојува наследството и современоста, користејќи модерен визуелен, наративен и музички јазик, со цел да остави трајна трага и значење“, велат од корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-02.JPG

Македонската традиционална народна музика е еден од најсилните чувари на колективната меморија и културниот идентитет. Секој народ ја чува својата култура преку музиката, а нашата започнува во нишките на изворната песна, во гласовите што се пренесуваат од колено на колено, во тапанот што го чува ритамот на обредот и во кавалот што одекнува низ полињата, ридовите и планините.

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-03.JPG

Токму од таму се роди инспирацијата за „Музички вез со џез ритам“, проект кој ја претвора музичката традиција во современо звучно и визуелно доживување, каде старите мелодии се испреплетуваат со импровизацијата, слободата и страста на џезот.

На сцената настапи Националниот џез оркестар, кој ги преработи македонските народни песни и ора во современи џез аранжмани, надополнети со вокалната интерпретација на Андријана Јаневска. Овој спој создаде нов, моќен мелос кој претставува разговор меѓу минатото и сегашноста, меѓу традицијата и личната уметничка експресија.

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-04.JPG

Настанот беше збогатен со изложба на уметнички графички плакати, современи визуелни интерпретации, исто така инспирирани од македонските народни песни и ора. Секоја песна беше претставена преку серија плакати, кои заедно создадоа визуелен „вез“ од нишки што го поврзуваат музичкото наследство со современиот визуелен јазик.

Сценографијата и амбиентот беа внимателно осмислени за да создадат интимна, топла и емотивна атмосфера, овозможувајќи им на гостите целосно да се препуштат на доживувањето. Вечерта беше заокружена со гастрономско патување низ традиционалните македонски јадења, подготвени од врвните мајстори на ФЏ Кулинари.

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-5.JPG

Со „Музички вез со џез ритам“, Халкбанк уште еднаш ја потврди својата долгорочна посветеност кон мисијата на проектот „Трајни културни вредности“  да ја зачува суштината на македонското наследство, притоа дозволувајќи му да се развива, да комуницира со современоста и да создава нови значења. Проектот сведочи дека традицијата не е статична, туку жива материја која, кога е интерпретирана со почит и визија, создава современи културни искуства со длабока уметничка и емоционална вредност, поврзувајќи го минатото со сегашноста и оживувајќи ја традицијата на слободен и автентичен начин.

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-06.JPG

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-7.JPG

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-00008.JPG

muzichki-vez-so-dzhez-ritam-omazh-na-makedonskoto-muzichko-nasledstvo-09.JPG

Најчитани неделава