Иџе: „Во земјава има многу 'продадени души'“
- Детали
- понеделник, 22 декември 2025
Во последната емитувана епизода на емисијата „Нешто конкретно“ се отвори прашање што одамна тлее, но ретко се изговара гласно: како денес се брани Македонија – и кој всушност ја брани?
Живееме во време кога патриотизмот повеќе не се мери со зборови, туку со избори. Со тоа дали остануваш или заминуваш. Дали прифаќаш туѓо знаме или инсистираш на своето.
Пејачот Влатко Миладиновски, чиј глас предизвикува силни емоции меѓу Македонците ширум светот, беше јасен и директен:
„Пејам само на македонски. Не знам зошто треба да се правда“. И додаде дека многумина на почеток им велеле дека се луди што сакаат да пејат само на македонски ама евe после толку години се докажа дека направиле вистински избор.
„Мене и на брат ми ни се смееја колегите - велеа каде со таков репертоар,само на македонски, никогаш нема да успеете - ама еве успеавме“, Заклучи Влатко
Влатко дури и се обрати на водителката: „Тоа е исто како тебе да те прашаат зошто ја водиш емсијата само на македонски јазик“.
Тој отвори и чувствителна тема – односот кон македонската музика, посочувајќи дека додека ние самите ја потценуваме, другите знаат одлично да профитираат од неа.
„Профитираат тие што се до нас“, алудираше Влатко.
А на прашањето дали токму тие што заминале од земјава, а никогаш не се откажале емотивно, денес се нејзин најгласен чувар. Влатко кој е чест гостин кај нашите иселеници заклучи: „Важно е како ги воспитуваат!“ А беше дециден: „Мора да се најде начин подобро да се искористи дијаспората таму има вистински Македонци“.
Давид Темелков пејачот кој е на привремена работа во Хрватска сподели лична приказна која отвори нов слој во дебатата. Му била понудена можност да настапи за Хрватската Евровизија – понуда што за многумина би значела кариера.
Тој ја одбил. „Македонија ме порасна“, рече, додавајќи дека сè што носи за неа го преточил во песна. Во неговиот случај, патриотизмот не е сцена под туѓо знаме, туку свесен избор да останеш свој. „Сите ни завидуваат колку добро пееме“, рече тој.
Од другата страна на борбата стои Игор Стефановски – Иџе, трикратен европски шампион во ридско-планински трки. Тој откри дека и нему му било понудено да вози под знаме на други држави – но одбил. Иако вели „Секоја година имам проблем да обезбедам буџет за да одам на трка. Во земјава има многу продадени души“, кажа без дипломатски зборови.
Но токму неговиот пример покажува дека Македонија може да победува и надвор – ако има кој чесно да ја претставува.
Силен момент во емисијата беше и појавувањето на Тијана Илова, 20-годишна тапанџика, која без патетика ја кажа можеби најтешката вистина: „Ако младите не ја чуваат традицијата, таа ќе изумре“. Во нејзините зборови немаше носталгија, туку одговорност и страв дека ако оваа генерација се откаже, нема кој да продолжи.
Епизодата ја отвори и суштинската дилема: може ли дијаспората да ја спаси Македонија – или од неа очекуваме премногу, додека дома пребрзо се откажуваме?
Цела епизода: