Интервју со М-р. Фармацевт Марија Шкварча Поповски, Марија Гален Фарм
- Детали
- понеделник, 16 февруари 2026
„Сакам кожата да ја негувам паметно - да ја заштитам, но и да и дадам активни состојки што реално прават разлика“
1. Каде се наоѓа клучната улога на фармацевтот во комуникацијата меѓу пациентот и лекарот?
Фармацевтот е клучната алка што ја поврзува медицинската одлука со секојдневната реалност на пациентот. Лекарот ја поставува дијагнозата и терапијата, а фармацевтот обезбедува таа терапија да биде правилно разбрана, безбедно применета и реално спроведена.
Ние сме тие што ги препознаваме можните интеракции, несакани ефекти, проблеми со придржување кон терапијата и индивидуални ризици – нешта што често излегуваат на површина токму во разговорот со пациентот. Со јасна и точна комуникација, фармацевтот придонесува терапијата да биде не само пропишана, туку и успешна.
2. Зошто фармацевтскиот совет е важен при избор на лекови и следење на терапии?
Фармацевтскиот совет е важен затоа што секој пациент е различен. Возраст, други заболувања, тековни терапии, додатоци во исхраната, па дури и начинот на живот – сето тоа влијае врз изборот и ефикасноста на лекот.
Фармацевтите не ги познаваат само активните супстанции, туку и помошните супстанции што ги придружуваат терапиите, и токму тука се крие една од клучните, но често потценети улоги на фармацевтот. Ние проценуваме дали одредени помошни супстанции се безбедни за конкретниот пациент – на пример кај алергии, интолеранции, хронични состојби или кај чувствителни групи како деца, бремени жени и стари лица.
Дополнително, сè почесто пациентите имаат лични преференции или сензитивности – на пример, не сакаат или не смеат да внесуваат одредени вештачки засладувачи, конзерванси, бои или други адитиви. Токму тука сме ние, фармацевтите – да ја разгледаме целата формулација и, кога е возможно, да предложиме посоодветна и побезбедна алтернатива.
Фармацевтот помага пациентот да разбере како, кога и колку долго да ја користи терапијата, но и што да очекува од неа. Со континуирано следење, можеме навреме да препознаеме проблеми и да спречиме прекинување или неправилна употреба, што е честa причина за неуспешни терапии.
3. Како се справувате со дезинформации за лекови и терапии?
Дезинформациите се еден од најголемите предизвици денес, особено со влијанието на социјалните мрежи. Мојот пристап е секогаш смирен, едукативен и аргументиран.
На пациентите им објаснувам што е научно докажано, што е мит, и зошто не секоја информација од интернет е безбедна за примена. Секогаш се водам од принципот „безбедност на прво место“ и ги охрабрувам пациентите да прашаат, наместо сами да експериментираат
Oбјаснувам и дека „природно“ не секогаш значи безбедно, исто како што „хемиско“ не значи опасно. Она што е важно е дали одредена супстанција е научно проценета, регулирана и одобрена според европските стандарди. Затоа секогаш се водам од принципот безбедност на прво место и ги охрабрувам пациентите да се советуваат со фармацевт, наместо да се водат исклучиво од информации на интернет или социјални мрежи.
4. Која рутина за нега на кожа ја препорачувате како неопходна за секој тип кожа? Која е вашата лична рутина?
Без разлика на типот на кожа, основната рутина секогаш треба да вклучува:
-нежни чистачи
-хидратација
-и секојдневна заштита од сонце
Ова се темелите на здрава кожа. Активните состојки се додаваат индивидуално, според потребите – акни, пигментации, чувствителност или знаци на стареење.
Мојата лична рутина е напредна, но внимателна. Имам чувствителна кожа, а со 42 полни години знам дека само „нежна нега“ веќе не е доволна. Сакам кожата да ја негувам паметно - да ја заштитам, но и да ѝ дадам активни состојки што реално прават разлика.
Како фармацевт со фокус на дерматологија, знам како правилно да користам ретиноиди, киселини и други активни компоненти, дури и кај чувствителна кожа. Ги воведувам постепено, ги комбинирам со добра хидратација и секогаш ја чувам кожната бариера како приоритет.
За мене, здрава и сјајна кожа не значи агресивна рутина, туку разбирање на сопствената кожа, доследност и почитување на нејзините граници.
5. Што ве мотивира најмногу во вашата професија? Што би им порачале на младите фармацевти?
Најголемата мотивација ми е чувството дека сум вистинска поддршка за луѓето – кога пациентот ќе се врати со подобрување, со доверба и со благодарност. Фармацијата не е само наука, туку и хумана професија.
На младите кои сакаат да се занимаваат со фармација би им порачала: никогаш не престанувајте да учите, бидете љубопитни и одговорни. Ова е професија која бара многу знаење, но и емпатија. Ако ја работите со срце и интегритет, фармацијата нуди огромни можности.