Александра од PeekA’Boo Photography: „Децата треба да бидат деца, а фотографиите да ги чуваат нивните најискрени моменти“
- Детали
- петок, 13 март 2026
Александра е фотограф која зад објектив стои уште од своите 15 години. Своето професионално патување го започнува со свадбена фотографија, подоцна работи и како travel фотограф, а во последните години речиси целосно се посветува на детската и семејната фотографија.

Природно креативна, позитивна и easy-going, таа најлесно се поврзува со луѓето, особено со децата. Токму таа природна комуникација ѝ помага да создаде опуштена атмосфера и да фати искрени, спонтани моменти. За неа фотографијата никогаш не била само „клик“ на камерата, туку начин да се зачуваат емоции, семејни приказни и мали, но драгоцени моменти кои со текот на времето стануваат уште повредни.
Во ова интервју Александра ни раскажува како изгледа нејзината работа зад сцената, што ја инспирира и зошто верува дека најубавите фотографии се оние што настануваат кога луѓето се најопуштени.
Ти си присутна на многу важни семејни моменти – од први родендени до крштевки и семејни прослави. Како ја доживуваш твојата улога во тие моменти?
Секогаш се чувствувам како некој што привремено станува дел од семејството. Кога доаѓам на некој настан, мојата прва цел не е веднаш фотографирањето, туку атмосферата, луѓето да се почувствуваат удобно покрај мене. Неодамна добив прекрасен feedback од клиенти дека сум успеала да ги опуштам и дека фотографирањето им било многу пријатно искуство.
Тоа за мене е еден од најголемите комплименти. Кога луѓето ќе ти веруваат и ќе се опуштат, тогаш емоциите излегуваат природно. Токму тогаш настануваат најубавите и најискрените фотографии.
Работиш многу со деца. Кој е твојот пристап кога фотографираш најмали?
Секогаш си го повторувам истото правило: децата треба да бидат деца.
Не сакам фотографирањето да биде притисок за нив, па затоа се трудам целиот процес да го претворам во игра. Малку трчање, малку смеа, малку глупирање, токму таму се кријат најискрените моменти. Исто така често им објаснувам и на родителите дека ако тие се опуштени, и децата многу полесно ќе се опуштат. Кога ќе им дадеме простор да бидат природни, тогаш фотографиите добиваат вистинска емоција.
Денес сите имаме илјадници фотографии во телефоните. Што ја прави професионалната фотографија поинаква?
Телефоните се одлични и сите ги користиме, но професионалната фотографија е нешто сосема друго Ние фотографите често разговараме како денес нашата работа знае да биде потценета, токму затоа што секој има камера во џеб. Но како и секоја друга професија, и оваа бара знаење, искуство и чувство за момент. На клиентите секогаш им кажувам едно нешто: на крајот од денот, единственото што останува од секој настан се фотографиите и видеата. Тоа е она што ќе го чуваат, ќе го гледаат после години и ќе го споделуваат со своите деца.
Кога хобито прераснува во бизнис, често доаѓаат нови предизвици. Кој беше најголемиот за тебе?
Најголемиот предизвик беше да научам да ја вреднувам сопствената работа. Кога работиш нешто што го сакаш, понекогаш несвесно го потценуваш трудот, времето и енергијата што ги вложуваш. Но со текот на времето сфатив дека зад секоја фотографија стои многу повеќе од само моментот на фотографирање подготовка, комуникација, искуство и многу часови обработка. Тоа беше важна лекција која ми помогна да пораснам и како фотограф и како претприемач.
Пред неколку месеци го отвори и своето студио. Како изгледа тој нов почеток?
Студиото PeekA’Boo Photography беше моја долгогодишна желба и многу сум среќна што конечно стана реалност. Веќе неколку месеци активно работи и полека го уредувам токму онака како што отсекогаш сум го замислувала. Сакам просторот да биде топол, cosy и пријатен, за луѓето кога ќе влезат да имаат чувство како да се во домашна атмосфера. Верувам дека токму таквата средина создава најубави и најприродни фотографии.
Што би сакала луѓето да почувствуваат кога ќе ги гледаат твоите фотографии по многу години?
Би сакала повторно да ја почувствуваат истата емоција од тој момент. Фотографијата има неверојатна моќ, може за една секунда да те врати назад во времето. Ако некој после многу години ја погледне фотографијата и се насмее или се сети на убав момент со своето семејство, тогаш знам дека сум ја направила вистинската работа.