Голем интерес од училиштата: во тек е пријавувањето за едукативната програма „Кликај безбедно“ на A1 Македонија
- Детали
- сабота, 14 март 2026
Основните училишта ширум земјата покажуваат значителен интерес за учество во едукативната програма „Кликај безбедно“, иницијатива на A1 Македонија која има за цел да ги едуцира учениците од четврто одделение за безбедно и одговорно користење на интернет. Пријавувањето за програмата е во тек, а училиштата имаат можност да аплицираат преку веб-страницата на компанијата.

Во време кога интернетот е дел од секојдневието на најмладите, дигиталната безбедност станува тема од се поголема важност и за родителите и за наставниците. Четвртоодделенците денес растат во дигитална средина во која онлајн просторот е место за учење, комуникација и забава , од пребарување информации за училишни задачи и гледање едукативни видеа, до играње игри и дружење со врсниците преку различни платформи.
Сепак, заедно со бројните можности што ги нуди интернетот, се појавуваат и предизвици кои бараат внимание и едукација. Прашањата за заштита на личните податоци, препознавање на потенцијални ризици и одговорно однесување во дигиталниот простор се сѐ почесто дел од разговорите меѓу родителите, наставниците и учениците.
Токму затоа програмата „Кликај безбедно“ има за цел на разбирлив, интересен и интерактивен начин да им помогне на децата да ги разберат основните принципи на интернет-безбедноста. Преку едукативни работилници и практични примери блиски до нивното секојдневие, учениците учат како да ги заштитат своите лични податоци, како да препознаат сомнителни содржини или пораки и како безбедно да комуницираат онлајн.

Воедно, програмата ги поттикнува и наставниците и родителите активно да разговараат со децата за нивните дигитални навики и искуства на интернет, со што се создава поширока култура на дигитална писменост и одговорно користење на технологијата.
„Особено не радува големиот интерес што го покажуваат училиштата за програмата “Кликај безбедно”. Тоа е силен сигнал дека наставниците и родителите ја препознаваат важноста на дигиталната безбедност и сакаат учениците уште од рана возраст да стекнат знаења за безбедно користење на интернет. Во A1 Македонија сме навистина среќни што преку оваа иницијатива можеме да придонесеме за создавање побезбедна дигитална средина за најмладите“, вели Јана Арсовска Есмерова координатор на проектот од A1 Македонија.
Како компанија која активно учествува во дигиталната трансформација на општеството, A1 Македонија континуирано вложува во иницијативи што ја поттикнуваат дигиталната писменост и одговорното користење на технологијата. Преку програмата „Кликај безбедно“, компанијата има за цел да им помогне на децата да изградат здрави и безбедни навики во користењето на интернетот уште од најрана возраст.
Пријавувањето за учество во програмата е во тек, а сите заинтересирани основни училишта можат да аплицираат преку веб-страницата на A1 Македонија.