Бојан Саздов (ТРИ): „Младите секогаш ќе имаат интерес за Саемот на книга, но природно е форматите и темите да се менуваат“
- Детали
- среда, 15 април 2026
Повторно се актуализира темата за вредноста на пишаниот збор во време на дигиталните вредности. Повеќе за читачките навики, за издавачката дејност и за сето она што посетителите ќе можат да го видат на Саем на книга 2026, дознајте од нашиот разговор со Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) и главен уредник на Издавачки центар ТРИ.

По 38. пат се одржува скопскиот Саем на книга – централен настан во пролетниот културен календар. Што може да очекуваат посетителите оваа година?
Саемот одамна не е само место каде што се купуваат книги – тој е место на средби, дискусии, настани и, очигледно, на многу нови книги, книги на попуст, колекционерски изданија итн. Саемот е време кога ние издавачите го претставуваме најдоброто од нашата програма на која работиме речиси цела година, и време што со нетрпение го очекуваме најмногу поради средбата со нашите читатели – да ги видиме, да ги слушнеме нивните мислења, да поразговараме, во основа – да се поврземе, затоа што заедно со нив го градиме овој свет на книгите во кој сакаме да бидеме.
Во време кога сè се менува брзо, Саемот потсетува на нешто важно – дека книгите се простор каде што можеме да застанеме, да размислиме и да останеме малку подолго. Затоа и пораката на ТРИ оваа година гласи „Светот се менува, книгите остануваат.“
И оваа година се најавени многу домашни и светски автори, промоции, работилници и дебати, но и други интересни активности за посетителите од сите генерации. Кои активности, покрај купувањето книги, привлекуваат најголемо внимание на Саемот?
Токму промотивната страна на Саемот е тоа што го прави значаен и актуелен – за читателите посебно искуство е ако на Саемот го сретнат својот омилен автор и поразговараат со него, или да проследат промоција на која ќе слушнат нешто интересно што ќе ги поттикне да размислуваат. Овие работи се паметат. И авторите се посебно заинтересирани за средби со своите читатели, да се сретнат надвор од книгите. Ќе забележите дела Саемот од година в година има сè побогат календар со настани, а и нивниот квалитет значително расте.
Каков е статусот на книгите во денешниот дигитален свет? Им даваме ли доволно простор во нашите животи за да нѐ научат на нови приказни, нови ликови и нови вештини?
Тоа е прашање што секој треба да си го постави себеси. Едноставно, во денешниот свет на брзи информации човек треба да биде многу свесен и постојано да се труди да не биде целосно заведен, проголтан од дигиталното – а книгата го нуди токму тоа: чекор кон себе, време за размислување, за длабоко разбирање. Не мислам дека книгите се во конфликт со дигиталното. Напротив, тие денес живеат и таму, поттикнуваат разговори и допираат до нова публика. Но разликата е во начинот на кој ги примаме. Долгиот формат бара внимание и трпение – нешто што сè поретко си го дозволуваме.
Вистината е дека долгиот формат и бавното читање се како здравата храна за умот, наспроти дигиталниот фаст-фуд.
Колку младата генерација го практикува читањето? Ако се погледнат последните неколку години, може да се забележи дека Саемот привлекува голем број млади луѓе, и тоа сигурно е податок кој ве радува. Но дали постои органски интерес кај помладите за пишаниот збор?
Младите секогаш ќе имаат интерес за книгите, но природно е форматите и темите да се менуваат. Новата генерација читатели носи со себе и нови теми, предизвици, па и нов јазик на комуникација, а нашата задача е да се поврземе со нив и да ги следиме нивните очекувања, исто како и авторите.
Веќе сме сведоци на едно ново време, кога младата публика многу повеќе чита фантастика, графички новели, манга стрипови, кога чита дигитално серијали на книги, како епизоди на некоја телевизиска серија. Во книгите бараат приказни што нудат бегство, но и начин да се проследи и да се разбере реалноста.
Како книгите можат повторно да бидат „тренди“ во времето на дигитални можности?
Мислам дека книгите не се во конфликт со дигиталното. Напротив, тие денес живеат и таму, поттикнуваат разговори и допираат до нова публика. Верувам дека и овој наплив на дигиталното во нашите животи на крајот ќе ја направи книгата повторно тренди, бидејќи секој, порано или подоцна, ќе почувствува потреба од „дигитален детокс“ и враќање кон длабоките, вистински искуства.
Саемот на книга е местото каде што се испреплетуваат милион приказни, па секоја година има понекоја случка, посета или промоција вредна за паметење. Би сакале ли да ни издвоите некој посебен момент од Саемот, кој ви оставил добар впечаток во минатото?
Омилена сцена од секој Саем на книга ми е кога гледам млади луѓе како трпеливо чекаат ред да земат посвета од некој автор, кога се забележува возбудата од средбата што претстои. Го паметам тоа посебно чувство кога првпат го запознав Петре М. Андреевски и кога чекав ред да земам посвета од Игор Исаковски. Писателите се големи луѓе, херои во нашиот свет, и тоа не треба да го забораваме.
И за крај, би сакале да знаеме што подготвува Издавачкиот центар ТРИ за ова издание на Саемот на книга 2026. Дали имате некоја препорака за нова книга или нов автор кој годинава публиката едноставно мора да го прочита?
Оваа година ТРИ доаѓа со внимателно избрана комбинација од современи и безвременски наслови – книги што зборуваат за денешниот момент, но и книги што траат. Би ги издвоил „Анксиозната генерација“ од Џонатан Хајт и „Во светот на гладниот дух“ од Габор Мате, како и неколку силни книжевни дела што повторно се враќаат кај читателите – на пример, новото издание на „Чуварот во ’ржта“ од Селинџер во превод на Румена Бужаровска.
Ако треба една препорака, би рекол – не барајте најдобра книга, туку книга што ви треба во овој момент, најчесто тоа е вистинскиот избор.