„Фрлете“ ги телефоните и отворете прозорец кон нови светови! Почна саемот на книга!

Ни се чини дека последниве години сме ептен заглавени во еден дигитален меур, и на работа и дома, секаде постојано се зборува за технологија, вештачка интелигенција, роботи, чипови... И сето тоа е супер… сè додека не го почувствуваме моментот на преоптовареност и тивка осаменост што понекогаш ја носи технолошката хиперповрзаност. Ни треба одмор од зрачења, од кодови, од промптови – од сè...

frlete-gi-telefonite-i-otvorete-prozorec-kon-novi-svetovi-pochna-saemot-na-kniga-01.jpg

Меѓу миленијалците и Gen Z на социјалните мрежи сè поактуелно станува „аналогното движење“ – враќање кон хартиените книги, винилот, фотоапаратите со филм, рачното пишување...Често се споделува и еден провокативен цитат од еден американски режисер и писател : Треба повторно да ги направиме книгите кул. Ако отидеш дома со некогo и нема книги, немој да бидеш со него... Не дозволувај да те истражува додека не ги истражи тајните универзуми на книгите. Не дозволувај да се поврзе со тебе додека не помине низ редовите на страниците...“ - неговата суштина не е само буквална, туку културна и духовна. Овој духовит и директен став ја нагласува важноста на читањето како показател на вредности, начин на размислување и љубопитност кон нови светови.

Читањето книги е огледало на карактерот, имагинацијата и интелектот. Од изборот на литература и жанровите што нè привлекуваат, авторите што ги следиме, темите во кои се пронаоѓаме, може да се насети многу за нашиот внатрешен свет, за вредностите што ги негуваме и за длабочината со која ги доживуваме нештата околу нас. Некој што чита психологија најверојатно тивко „скенира“ луѓе околу себе и си поставува прашања што другите не ги забележуваат. Љубителот на историја, пак, е како временски патник, секогаш со едно око во минатото за подобро да ја разбере сегашноста...  А оние што се губат во авантуристички романи? Денес се на пуст остров, утре на врв на планина, а задутре го спасуваат светот... Книгите и пишаниот збор се сведоштва за нашите мисли, дилеми, соништа и стремежи... но и патоказ кон нови доживувања. Книгите не се само за украс или предмети што собираат прашина низ некоја библиотека... тие се разговори што чекаат да бидат започнати, светови што чекаат да бидат откриени и огледала во кои секој од нас може да препознае дел од себе.  

„Саемот на книга е еден од ретките простори каде што книжевноста навистина станува место на средба меѓу книгите, авторите и читателите. За нас во Славика Либрис, овогодишното учество е особено важно, бидејќи ќе имаме чест пред македонската публика да го претставиме чешкиот писател Јиржи Хајичек, автор на романите „Змеј на селскиот пат“ и „Едрилица на етикети“. Неговото присуство на Саемот и авторската средба во Скопје ја прават оваа година навистина посебна за нас. Очекуваме Саемот да донесе многу инспиративни средби, нови читатели и уште поголем интерес за современата европска книжевност, која е во срцето на нашата издавачка мисија“ изјавија од издавачката куќа Славика Либрис.

Затоа, топла препорака овие денови до 29ти април посетете го Саемот на книгата во Скопје, во арената „Борис Трајковски“, и отворете прозорец кон нови светови, приказни и инспирации што ќе ве однесат подалеку од секојдневието. Отидете со пријателите или симпатијата и пробајте нешто поразлично... верувајте, ќе научите сигурно нешто повеќе еден за друг додека ги разгледувате штандовите и откривате различни светови... А на крајот од денот, само вие одлучувате со кого ќе отворите прозорец кон нови светови кога ќе се вратите дома...

Најчитани неделава