Од емоција до форма: Како „Блосом“ го претвора цутењето, занаетот и женската сила во современ дизајн
- Детали
- понеделник, 04 мај 2026
Основачките на брендот YOVA, Натали и Оливера Ристовска во интервју за Црнобело ja откриваат инспирацијата зад новата колекција „Блосом“, спојот на традиција и современ дизајн и амбицијата македонскиот занает да стане глобално препознатлив

Новата колекција „Блосом“ носи силна симболика за цутење и лична трансформација. Како оваа инспирација се преточи во дизајнот на самите модели?
Колекцијата „Blossom“ ја развивавме како емоционален процес, не само како дизајн. Цутењето го гледаме како момент кога жената доаѓа во контакт со својата вистинска природа – кога си дозволува да биде своја, во различни фази од животот.
Ова се преточи во органски форми и цветни текстури кои можат да се забележат низ сите ташни од колекцијата. Секоја ташна има движење во себе, како еден вид на циклус. Сакавме формата да изгледа живо, да носи чувство на раст, леснотија и нова енергија.
Секој модел во колекцијата претставува различна состојба на жената. Колку беше предизвик да се претвори една емоција во конкретна форма и дизајн на ташна?
Тоа беше најинтензивниот и најубавиот дел од процесот. Не тргнуваме од форма, туку од чувство, моменталната емоција која ја чувствуваме – радост, самодоверба, смиреност, енергија, вредност – па формите си доаѓаа спонтано.
Предизвикот беше да останеме автентични – да не направиме само ташна што убаво изгледа, туку ташна што носи карактер. Затоа секој модел има своја енергија: некои се поразиграни, како што е Реса и Фиори, други поцврсти, како Луна и Ринг, трети понежни, како Бисера.
YOVA е бренд со силна лична приказна. Како вашето детство и влијанието на вашата баба се претворија во основа на брендот денес?
YOVA започна многу одамна, пред да стане бренд. Нашата баба беше првата што нè воведе во светот на рачната изработка и тоа не само како една техника, туку како вредност. Таа нè научи на трпение, посветеност и љубов кон процесот.
По години поминати надвор од Македонија, особено во Милано, дојде момент кога сфативме дека токму тоа наследство има огромна вредност. Враќањето во Македонија беше свесна одлука – да го зачуваме занаетот, но и да му дадеме нов живот, нов контекст.
YOVA го воведува хеклањето во изработка на луксузни ташни на поинаков начин. Како го развивате овој традиционален занает во современ и професионален производствен процес?
Нашиот пристап е комбинација на традиција, структура и модерни, современи пракси. Хеклањето е рачна техника, но ние го систематизираме процесот – преку прецизни модели, стандарди и обука.
Работиме со искусни занаетчии кои имаат работено и за интернационални брендови, и развиваме јасни процеси за секој производ. Така задржуваме уникатност, но обезбедуваме конзистентен квалитет – што е клучно за еден современ бренд.
Работите со премиум материјали и занаетчии со искуство во светски модни куќи. Колку е важно ова за позиционирањето на YOVA како бренд на пазарот?
Тоа е основа на нашата доверливост како бренд. Кога работиш со рачна изработка, квалитетот на материјалот и вештината на изработката се пресудни.
Користиме сертифицирани материјали и внимателно ги избираме партнерите. Конкретно, рафијата ја набавуваме од Италија од сертифициран добавувач, единствен во Европа од којшто набавуваат сите големи модни куќи. Веганската кожа Вегеа е исто така набавена од Италија. Хардверот што го користиме за нашите ташни е набавен од фабрика од Милано. Новитет е тоа што имаме нов партнер од Италија за дигиталниот пасош што го воведовме во ташните од новата колекција каде што со скенирање на уникатниот NFC чип, купувачот може да го дознае целиот процес на изработка на ташната - од самите материјали, изработката, па се до пакувањето. Исто така, една од нашите најдраги соработки е онаа со семејството Талеви од Охрид кои за Бисера развија специјална емлузија за премачкувањето на бисерите.
И секако, квалитетот на материјалите е битен, но не и пресуден. Нашите занаетчии не се само изведувачи – тие се дел од брендот. Секое парче носи човечки допир, но и високо ниво на изработка што може да стои рамо до рамо со интернационални брендови.
Натали, вашето искуство од Милано и Оливера, вашата работа со интернационални клиенти во Лондон - како овие две различни перспективи се спојуваат во градењето на YOVA?
Токму во таа разлика е нашата сила. Јас (Натали) ги завршив своите постдипломски студии во Милано, а подоцна работев во Милано во областа на иновации и одржливи практики во дизајнот.
Јас (Оливера), исто како и Натали, ги завршив моите постдипломски студии во Лондон, по што се вратив во Македонија, и до пред официјално да започнеме со YOVA, работев за интернационални клиенти во областа на бизнис, маркетинг и односи со клиенти во модната индустрија.
YOVA е пресек на тие две перспективи, естетика и стратегија. Едната страна создава, другата раскажува и позиционира. И двете се неопходни за да се изгради бренд што е и естетски привлечен и релевантен.
Која е вашата визија за иднината на YOVA - дали гледате потенцијал македонскиот занает да стане препознатлив и на глобално ниво преку ваков пристап?
Апсолутно. Веруваме дека иднината на луксузот е во автентичноста. Луѓето сè повеќе бараат приказна со којашто можат да се поврзат, вредност и човечки допир зад производот.
Македонскиот занает има огромен потенцијал – но потребен е современ контекст. YOVA е токму тоа: мост меѓу традицијата и глобалниот пазар. Нашата визија е да го поставиме овој занает на мапата, не како носталгија, туку како релевантен, модерен и посакуван производ.