„Музичка Фабрика“ повторно ги собра семејствата пред малите екрани
- Детали
- понеделник, 11 мај 2026
Во изминатите месеци, „Музичка Фабрика“ прерасна во вистинско музичко патување низ Македонија - проект кој обедини стотици деца, семејства, автори и љубители на музиката во една заедничка мисија: создавање нова македонска детска музичка сцена.
Преку караван аудиции во четири градови низ државата, кои се реализираа во текот на еден месец, над 600 деца ја добија можноста да го покажат својот талент, енергија и љубов кон музиката. По внимателен избор и селекција, 29 солисти и 35 членови на хорот станаа дел од првата сезона на „Музичка Фабрика“.
Во рамки на проектот беа создадени 20 оригинални авторски композиции во соработка со реномирани македонски автори и музички соработници, со што „Музичка Фабрика“ директно придонесува кон создавање нова современа детска музичка продукција.
Покрај снимањето и подготовките, учесниците поминаа низ интензивен едукативен и музички процес, работeјќи заедно со Андријана Јаневска, која со своето искуство, професионалност и посветеност им помогна да го развијат својот сценски настап, вокална интерпретација и самодоверба.
Круна на целото ова патување ќе биде големиот ревијален концерт на „Музичка Фабрика“, кој ќе се одржи на 26 мај во Македонскиот народен театар. Интересот за настанот е огромен, а капацитетот е веќе целосно исполнет – уште една потврда дека публиката препознава и поддржува ваков тип на квалитетна детска музичка продукција.
„Музичка Фабрика“ не е само фестивал, туку платформа која создава нова генерација млади музички таленти, простор каде детската креативност, емоција и музика добиваат вистинска сцена.
Ова е само почеток на една нова музичка приказна.