Стефанија Насеска Попадинец за „Емотивна постава“: Сакавме да покажеме дека ткаенината носи чувство, емоција и лична приказна

Во време кога модата сè почесто се сведува на тренд и визуелен впечаток, модната дизајнерка Стефанија Насеска Попадинец останува доследна на својот препознатлив авторски израз – креации кои што раскажуваат приказни, отвораат прашања и носат длабока симболика.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-01.JPG

На модната сцена е присутна од 2009 година, по дипломирањето на Accademia Italiana, а годинава одбележува 15 години активна кариера исполнета со колекции што ја истражуваат македонската историја, идентитет и колективна меморија. Нејзините дела се претставувани на модни недели во земјава и странство, а меѓу најзначајните успеси го издвојува учеството на модната недела во Харбин, Кина, одржана во јануари годинава.

Токму автентичноста, вели таа, е она што ја прави препознатлива и надвор од границите на Македонија.

Деновиве Насеска Попадинец е дел од „Емотивна постава“ – проект што го спроведува во соработка со Маркетинг агенцијата Пазел конекшн во соработка со фотографката Павлина Поповска, кој преку материјали, фотографија и текстура ја истражува женската емоција и внатрешна сила. Во разговорот што следи, таа зборува за идејата зад кампањата, за модата како визуелен јазик, но и за нејзината лична мисија - преку својата работа да ја раскажува приказната за татковината пред светот.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-02.JPG

„Емотивна постава“ отвори една многу суптилна, но силна тема – врската меѓу емоцијата и материјалот. Како се роди оваа приказна?

Насеска Попадинец:  Сè започна многу природно, од разговори за чувствата што ги носиме во себе и начинот на кој тие несвесно се пресликуваат и во тоа што го носиме на себе. Сакавме да покажеме дека облеката може да биде многу повеќе од визуелен израз – таа може да носи чувство, емоција и лична приказна. Секој материјал има свој карактер и своја енергија, а кога тие ќе се спојат со женската природа, се создава нешто исклучително интимно и искрено. „Емотивна постава“ токму затоа ја доживувам како проект што зборува тивко, но длабоко.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-03.JPG

Кампањата носи многу силна женска енергија. Со кого ја создававте целата оваа визуелна приказна?

Насеска Попадинец:  Ова е проект што не можеше да се случи без искрена женска креативна синергија. Кампањата ја реализиравме заедно со Александра Гатовска, раководителка на секторот за дизајн во Пазел конекшн, и Симона Митровска Бибановска, менаџерка за маркетинг и односи со јавност во Пазел конекшн, а дел од визуелната приказна е и дизајнерката Роза Милкова. Особено ми е драго што сите ние не сме само креаторки на идејата, туку и модели во самата кампања, затоа што на тој начин целата емоција стана уште поавтентична и поискрена.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-04.JPG

Фотографијата ја работеше Павлина Поповска, која навистина успеа да ја долови суптилната сила што ја носеше целиот проект, а како дел од кампањата се приклучи и инфлуенсерката Нина Ред, која на свој начин ја донесе емоцијата на оваа приказна.

Во кампањата се вклучија и претставниците на Ист Гејт Мол, кои ни овозможија простор за изложбата, како и РИ-графика, на чело со претставничката Елена Славковиќ, кои совршено ги изработија сликите за изложбата.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-05.JPG

Во центарот на „Емотивна постава“ е уникатната наметка составена од различни текстури и материјали. Што симболизира таа?

Насеска Попадинец:  Наметката е симбол на женската слоевитост. Секој материјал што е вткаен во неа носи различно чувство – мекост, сила, ранливост, слобода, топлина. Сакавме преку неа да покажеме дека жената никогаш не е еднодимензионална. Во нас истовремено постојат и нежност и отпорност, и тишина и гласност, и страв и храброст.

Таа наметка ја гледам како емотивен запис. Многу ми е драго што токму таа ќе биде подарена на една жена, затоа што идејата е некој навистина да ја почувствува приказната што е вткаена во неа – буквално на своја кожа.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-06.JPG

Веќе 15 години сте присутни на модната сцена. Што ве одржа доследна на сопствениот израз?

Насеска Попадинец:  Мислам дека најважно е што никогаш не се обидував да бидам нешто што не сум. Од самиот почеток ме интересираше мода што има порака и суштина. За мене модата е кодиран јазик и средство за визуелна комуникација со светот. Затоа и најмногу сакам да работам колекции – таму можам најискрено да се изразам и да отворам теми што ми се важни.

Во текот на кариерата работев и за други брендови, а еден период живеев и работев во САД, во Атланта и Лос Анџелес, како моден дизајнер за странски бренд. Но, каде и да сум била, секогаш сум се враќала на истото – на сопствениот идентитет и на инспирацијата што ја носам од дома.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-07.JPG

Вашите колекции често се инспирирани од македонската историја, култура и колективна меморија. Кои проекти оставиле најсилен белег во вашата кариера?

Насеска Попадинец:  Секоја колекција за мене е посебен емотивен и авторски процес, но има неколку што навистина ја одбележаа мојата кариера.

„Шчо напраифме“ беше инспирирана од Крсте Петков Мисирков и неговото дело „За македонцките работи“ – колекција што отвораше прашања за идентитетот, јазикот и културната припадност. Потоа следуваше „Азбука“, посветена на кирилицата, во која буквите ги претворав во визуелен моден израз, нешто што во тој период беше навистина поинакво и препознатливо.

„Револуција“ беше директна реакција на тогашните општествени случувања и колекција преку која сакав да покажам дека модата може да биде и став, а не само естетика. „Voyage“ беше моја имагинарна интерпретација на македонската народна носија – како би изгледала денес доколку нејзиниот развој никогаш не запрел.

Особено емотивна ми е „Анима“, која беше посветена и на загрозените животни во Македонија, но и на жените жртви на семејно насилство. Тоа беше колекција-повик за заштита, грижа и емпатија.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-08.JPG

За „The Great“ се инспирирав од Александар Македонски и неговите космополитски погледи, од идејата за прифаќање на различностите и поврзување на културите, додека „Liberty“ беше посветена на партизанките, особено на моите баби, кои рамо до рамо со мажите се бореле во Втората светска војна.

Но, можеби најзабележани останаа „Вечност“ и „Стоби“ – две колекции инспирирани од археолошките пронајдоци на нашата територија. Со нив сакав да оживеам некои подзаборавени теми и повторно да го разбудам интересот за минатото. Верувам дека само ако го разбереме минатото, можеме вистински да ја разбереме сегашноста и да ја насетиме иднината.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-09.JPG

Колку е важно македонските уметници да ја раскажуваат сопствената приказна пред светот?

Насеска Попадинец:  Мислам дека тоа е наша одговорност. Мојата цел со секоја колекција е да ја претставам татковината пред луѓе кои можеби никогаш не слушнале за Македонија. Но, истовремено и да покажам кои сме биле и кои сме денес. Колку повеќе уметници создаваат на тој принцип, толку повеќе светот ќе нè препознава и вреднува.

Она што особено ме радува е што уметноста има моќ да поврзува. Неодамна бев поканета во Бугарија, каде ја презентирав колекцијата „Стоби“, а луѓето таму ја доживеаја како чиста уметност. Токму тоа е убавината – кога делото ќе ја надмине политиката и поделбите и ќе стане простор за поврзување. Во тој дух го доживувам и моето претстојно учество на модната недела во Кошице, Словачка, каде ќе ја претставувам Македонија.

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-10.JPG

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-11.JPG

stefanija-naseska-popadinec-za-emotivna-postava-sakavme-da-pokazheme-deka-tkaeninata-nosi-chuvstvo-emocija-i-lichna-prikazna-12.JPG

Најчитани неделава