Кристина Мукаетова доби признание „Дигитална креаторка и активист за јакнење на младите“ од Women in Tech Macedonia
- Детали
- вторник, 26 мај 2026
Women in Tech Macedonia ги додели годишните признанија на жени и иницијативи кои придонесуваат за развој на технологијата, иновациите и општествениот напредок, под покровителство на Претседателката на државата, Н.Е. проф. д-р Гордана Силјановска Давкова. На свеченоста беа доделени награди во 9 категории и вкупно 21 признание.

Во категоријата „Најперспективна тинејџерка (Aspiring Teen Award)”, признанието го доби Кристина Мукаетова за „Дигитална креаторка и активист за јакнење на младите“.
Кристина е артист, дигитален креатор и двигател на промени која својата кариера ја започнала уште на 9-годишна возраст. До 11 години веќе има учествувано во 84 епизоди од популарна детска ТВ-серија, а на 13 години ја претставувала Македонија на Јуниорскиот Евросонг.
Со желба својата јавна видливост да ја насочи кон позитивни општествени промени, на 16 години го започнала проектот „Низ град со Кики“, talk-show формат кој ги прикажува инспиративните приказни од македонското општество и создава простор за младите да се чувствуваат информирано, охрабрено и мотивирано да се соочуваат со секојдневните предизвици.
Покрај нејзината работа „на екран“, Кристина активно волонтира во Црвениот крст, ја поддржува работата на СОС Детското село, учествува во иницијативи поддржани од UNICEF и е дел од проекти кои промовираат емпатија, креативност и инклузивност.

Во својата порака до младите, таа истакнува дека успехот не е универзална формула, туку комбинација од труд, упорност и искрени намери, нагласувајќи ја важноста на поддршката, емпатијата и автентичноста во општеството.
„Не мора да пораснеш за да направиш промена,“ порачува Кристина - став кој ја отсликува нејзината работа и јавен ангажман.

На настанот, Кристина се обрати и со благодарност до Women in Tech Macedonia, истакнувајќи дека номинацијата и признанието претставуваат дополнителна мотивација да продолжи да создава и да инспирира млади луѓе.
„Самата номинација и можноста да се биде во друштво на толку реализирани, иновативни и инспиративни жени за мене е огромна чест. Оваа награда е мотив повеќе да продолжам да творам, да правам позитивни промени и да ги поддржувам младите луѓе. Изминативе два месеци поминав низ трибини со средношколци во 6 града низ Македонија. Имаме премногу талентирани млади на кои им треба менторство и поддршка. Неодамна се приклучив и на кампањата „Да ги срушиме стереотипите, да ја изградиме иднината“ за рушење на предрасудите околу машките и женските професии. Јас припаѓам на Gen Z - не сакам совршен имиџ, туку автентичност, реални приказни и решавање на реални проблеми - рече Кристина.
Нејзината порака до младите е:
Верувајте во себе! Ништо не е невозможно ако вистински се сака. Нема ништо поубаво од тоа да се чувствувате корисни: за себе, за најблиските, за општеството. Потребна ни е средина на поддршка, повеќе емпатија, да учиме од успесите на другите а не да се труеме со негативни наративи, омраза, завист и токсични коментари. Секој од нас има свој избор и не постои универзална формула за успех, но трудот, упорноста и добрите намери секогаш се ценат.

Настанот се одржа под покровителство на Претседателката на Македонија, Н.Е. Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, до која Кристина упати и посебна благодарност: „Почитувана Претседателке, Вие сте моја голема инспирација!“
Women in Tech Macedonia, основана во 2019 година, е дел од глобалната мрежа Women in Tech, присутна во повеќе од 60 земји, со мисија за намалување на родовата нееднаквост во технологијата преку едукација, менторство и заеднички иницијативи.

На свечениот настан беа доделени награди во 9 категории и вкупно 21 признанија:
- Најперспективна тинејџерка (Aspiring Teen Award): Кристина Мукаетова
- Најголем поддржувач (Best Ally Award): Маја Наумовска Савеска
- Највлијателна иницијатива (Most Impactful Initiative Award): MKSafeNet – Биљана Ристеска
- Најреволуционерна улога во технологија (Most Disruptive Award): Д-р Моника Симјаноска Мишева
- Жена во Web3 (Woman in Web3 Award): Франка Граждани
- Стартап награда (Start-Up Award): Ина Најдановиќ Марковиќ
- Награда за технолошка дипломатија (Tech Diplomacy Award): Гордана Клинчарова
- Глобално лидерство (Global Leadership Award): Елка Јошевска
- Награда за животно достигнување (Lifetime Achievement Award): Софче Јовановска