Павле Димковски отворено за дебелината:„Мислев дека ако ослабам, нема да бидам смешен“

Павле Димковски, познат како дел од хип-хоп колективот „Зад аголот“, како едно од препознатливите лица од „Фчерашни новости“, а од неодамна и како дел од Stojanovski Brothers, е човек кој публиката го препознава по хуморот, искреноста и автентичниот израз.

pavle-dimkovski-otvoreno-za-debelinata-mislev-deka-ako-oslabam-nema-da-bidam-smeshen-01.JPG

Но, зад јавната слика, настапите и шегите, стои и лична приказна за соочување со вишокот килограми, здравјето, самодовербата и промените кои не доаѓаат преку ноќ. Токму затоа, Павле е дел од едукативната кампања „Круг на поддршка“, која ги охрабрува лицата што се соочуваат со дебелина да побараат помош, поддршка и стручна насока во процесот на промена. Во разговорот, Павле отворено зборува за моментот кога тежината почнала да влијае на неговото физичко и ментално здравје, за односот кон храната, поддршката од најблиските, но и за тоа како хуморот му помага да се носи со коментарите, стереотипите и сопствената трансформација.

Кога ќе погледнеш наназад, кога и како првпат почувствува дека тежината почнува да влијае не само на изгледот, туку и на севкупното здравје?

Првпат можам да кажам дека почувствував посериозен проблем пред околу две-три години, кога почна да ме боли зглобот на левата нога. Тоа беше моментот кога тежината почна директно да ми се одразува на физичкото здравје и кога сфатив дека не станува збор само за изглед или бројка на вага. Кога станува збор за менталното здравје, мислам дека дебелината ми влијаела многу порано во животот, само што тогаш немав доволно свесност за да го согледам тоа. Денес, кога гледам наназад, многу појасно ми е колку некои работи ме следеле низ годините, иако тогаш можеби не сум ги препознавал како последица од тежината.

Јавната професија носи внимание, но и коментари што понекогаш знаат да бидат груби, особено на социјалните мрежи. Како научи да се справуваш со таквите реакции и дали има некој напишан или кажан збор кој те навредил и ти останал во сеќавање?

Искрено, не сум се сретнал со премногу навредливи коментари. Секако дека ги има, но не се нешто што ми се случува секојдневно или нешто на што му давам големо значење. Генерално, не обрнувам премногу внимание на коментари од јавноста. Најчесто критиките за мојата работа ми доаѓаат од близок круг луѓе, а токму од тие критики најмногу извлекувам поука или заклучок што може да ми помогне да бидам посвесен во иднина. Кога станува збор за навредливи зборови, немам некој конкретен збор што би го издвоил како нешто што ме погодило. За мене, на пример, зборот „дебел“ не е навредлив збор. Зависи од контекстот, од намерата и од тоа како човек го прима, но самиот збор не го доживувам како нешто што автоматски треба да ме навреди.

pavle-dimkovski-otvoreno-za-debelinata-mislev-deka-ako-oslabam-nema-da-bidam-smeshen-02.JPG

Често се вели дека односот кон храната се гради уште дома. Какви беа навиките и правилата околу храната во твоето детство?

Во детството имав доста специфично мени. Моите дома уште од рано детство ме советуваа дека треба да има некаков ред во исхраната и дека треба да се внимава. Но, најверојатно комбинацијата од нивната попустливост и моето недоволно залагање довела до тоа да не изградам здрави навики и јасни правила кога станува збор за храната. Не би рекол дека немало обиди или совети, напротив, имало. Но, едно е некој да ти кажува што треба, а друго е ти навистина да го усвоиш тоа како начин на живот. Кај мене тоа не се случило во периодот кога можеби требало.

Како се менуваше твојот однос кон храната низ годините - од детството и тинејџерските години до денес? 

Од детството до тинејџерските години, реално, немаше некоја голема разлика. Навиките останаа речиси исти, а јас во тинејџерските денови мислев дека нема потреба ништо да менувам. Едноставно си мислев дека сум тоа што сум и дека така треба да остане. Промената, ако може така да се нарече, кај мене дојде во возрасни години. Денес имам доста променето, не само во начинот на исхрана, туку и во начинот на кој размислувам за храната. Сега многу повеќе ја гледам како нешто што директно влијае на здравјето, енергијата и секојдневното функционирање, а не само како задоволство или навика.

Дали денес имаш одредена цел кога станува збор за исхраната, здравјето или личното чувство на баланс?

Во пикот на дисбалансот имав 195 килограми. Со промени во исхраната и мала физичка активност, за околу две години успеав да изгубам максимум 80 килограми и стигнав до 115 килограми. Мојата цел е пред сè да бидам здрав, жив и функционален. Сакам вкупно да изгубам 100 килограми и да дојдам до точка во која ќе се чувствувам добро со себе, не само физички, туку и ментално. Со Господ напред.

Во општеството често различно се гледа на машките и женските кога станува збор за килограмите и изгледот. Како ти го доживуваш тоа од сопствено искуство?

Мислам дека генерално истиот проблем го имаат и мажите и жените кога станува збор за дебелината, а тоа е прифаќањето на себеси таков каков што си. Но, мислам дека мажите многу полесно го маскираат проблемот од жените и полесно се вклопуваат во општеството. Кај жените, според мене, притисокот е многу поголем. Општеството е построго кон женскиот изглед, па и коментарите, очекувањата и стандардите се поинакви. Иако, ако ме прашаш мене, многу поверојатно е слаб маж да се заљуби во дебела жена, отколку слаба жена во дебел маж.

Имало ли моменти кога си почувствувал дека си предмет на шеги, етикетирање или непријатни коментари поради изгледот? Како тоа влијаело на тебе?

Со оглед на тоа дека се занимавам со хумор, јас сум благодарен кога сум предмет на шеги, затоа што често од нив црпам инспирација. Генерално, и самиот сакам да правам шеги на таа основа и не бегам од тоа. Фан сум на „роустање“, па често знам и на некој колега по килажа да му „истресам некоја зелена“. Секако, секогаш е важно да има граница и да се знае дека е шега, а не понижување. Сума сумарум, кај мене шегите влијаеле добро. Наместо да ме затворат или повредат, често ми помагале да го земам тоа што ми се случува и да го претворам во материјал, во став или во начин полесно да се носам со себе.

Кога човек ќе почувствува дека нешто треба да промени, секој реагира различно - некој веднаш презема чекори, некој одложува, некој се повлекува. Каков беше твојот одговор во тие моменти?

Јас сè уште се мислам дали навистина сум преземал чекор или само сум се мрднал од место. Имам одложувано многу пати. Во процесот сум паѓал, сум се кревал, сум почнувал одново, па пак сум застанувал. Но, можам да кажам дека од моментот кога сфатив дека морам нешто да променам, почнав да пешачам. На почетокот тоа ми беше начин да ги растеретам мислите, а не некаков голем план или стратегија. Така што, ако треба да го опишам мојот прв чекор, тоа буквално бил чекор со нога, од Маџари накај Хиподром.

Кои луѓе ти се најголема поддршка кога станува збор за лични промени, здравје и самодоверба?

Најголема поддршка ми се татко ми, брат ми и „Зад аголот“. Тоа се луѓето и кругот што ми значат најмногу, и кога станува збор за лични промени, и кога станува збор за здравје, самодоверба и сè што носи процесот. Поддршката не мора секогаш да биде голема драматична реченица или мотивациски говор. Некогаш е доволно да знаеш дека имаш луѓе што се тука, што те разбираат и што не те гледаат само низ проблемот.

Дали некогаш си размислувал дека промената на изгледот може да влијае на начинот на кој публиката те доживува?

Да, порано мислев дека ако ослабам, нема да бидам смешен. Мислев дека дел од мојата комична појава, харизма или начин на кој публиката ме доживува е врзан и со изгледот. Ама реално, не е иста харизма сега и во иднина со „six pack“ и гради. Се менува човек, се менува и енергијата, ама тоа не мора да значи дека се губи тоа што го прави препознатлив. Можеби само ќе се трансформира во нешто друго.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg