Интервју со младата пејачка Јана Спирковска: „Добрината не е слабост, туку доблест што порано или подоцна се враќа во многу поубава форма“

Млада, талентирана, харизматична и секогаш насмеана, Јана Спирковска полека, но сигурно станува едно од омилените лица кај младата публика. Освен со музиката, таа привлекува внимание и со својата природност, позитивна енергија и искрен пристап на социјалните мрежи, каде секојдневно споделува моменти од своето секојдневие,  навики и инспирација.

intervju-so-mladata-pejachka-jana-spirkovska-dobrinata-ne-e-slabost-tuku-doblest-shto-porano-ili-pod_3.JPG

Во продолжение, разговараме со Јана за нејзината кариера, животот зад сцената, омилените навики за убавината, здравите навики, но и за сè она што се крие зад сцената и камерите што публиката не секогаш имала можност да го види.

Како се роди љубовта кон музиката, кога започна посериозно да ја градиш својата музичка кариера и колку предизвикувачки беше патот до местото каде што си денес?

Љубовта кон музиката се роди уште кога бев мала. Често знаев да застанам пред телевизор и да гледам настапи на светски познати пејачи, замислувајќи си дека еден ден и јас ќе настапувам пред голема публика. Дома постојано ги вежбав чекорите, пеев и се обидував да ги достигнам и највисоките тонови во песните.За првпат наставничката по музичко во основно училиште ми кажа дека имам глас и дека можам да бидам дел од нејзиниот хор. Тоа ми даде дополнителна мотивација, иако отсекогаш повеќе ме привлекувало соло пеењето, бидејќи така најмногу можев да се изразам себеси. Со пеење почнав посериозно да се занимавам во средно училиште, кога го имав и мојот прв соло настап на хуманитарен концерт кој за мене има посебно значење. Од таму некако започна сè. Патот до местото каде што сум денес беше доста тежок. Можеби луѓето што ме запознале неодамна мислат дека сега сум почнала со музика, но вистината е дека овој пат трае целиот мој живот. Имало моменти кога сум се прашувала дали вреди, но единственото што секогаш ме водело напред била огромната желба и чувството што ми го дава музиката додека пеам.

intervju-so-mladata-pejachka-jana-spirkovska-dobrinata-ne-e-slabost-tuku-doblest-shto-porano-ili-pod_2.JPG

Дали отсекогаш знаеше дека музиката е твојот животен пат или имаше моменти кога се двоумеше дали си ја донела вистинската одлука?

Од секогаш сум чувствувала дека музиката е мојот животен пат, бидејќи јас сум човек на кој ретко нешто може долго да му го задржи вниманието, а музиката отсекогаш успевала во тоа. Во животот сум пробала и други работи, но без разлика на сè, секогаш повторно сум се враќала на музиката. Таа за мене не е само професија или хоби, туку и место каде што се пронаоѓам себеси. Во многу ситуации музиката ми била лек, начин да се изразам и да поминам низ различни емоции и моменти во животот.

Освен музиката, дали имаш некое хоби или скриен талент што те исполнува и ти носи мир и позитивна енергија во слободното време?

Освен музиката, отсекогаш сум била личност со многу енергија, па спортот е нешто што навистина ми помага да ја насочам и исфрлам таа енергија на позитивен начин. Уште од рани години практикувам трчање, вежбање во теретана и генерално се трудам да водам здрав начин на живот и исхрана. Со текот на времето и со зголемувањето на обврските не можам да се посветам исто како порано, но секогаш се трудам да бидам конзистентна и да најдам време за себе и своето здравје.

Покрај музиката, важен дел од мојот живот е и маркетингот. Завршив економски факултет на смер маркетинг и паралелно работам и во таа област, што ми овозможува креативноста да ја изразувам на повеќе начини.

intervju-so-mladata-pejachka-jana-spirkovska-dobrinata-ne-e-slabost-tuku-doblest-shto-porano-ili-pod.JPG

Зад секоја млада и убава девојка се крие некоја тајна за добра нега, па дали ќе ни откриеш како се грижиш за својата кожа?

Секогаш мислам дека грижата за кожата е навистина многу важна и дека сè започнува со правилна нега и добри производи. Откако ја открив линијата Dermopure Clinical од Eucerin, таа стана неизоставен дел од мојата секојдневна рутина. Најчесто ги користам гелот за миење лице и Triple Effect серумот за неправилности, кои навистина ми одговараат на кожата. Исто така, заштитниот фактор за мене е задолжителен секое утро, па мој избор е серумот Eucerin Oil Control SPF 50. Рутината ми е прилично едноставна, но ефикасна.

intervju-so-mladata-pejachka-jana-spirkovska-dobrinata-ne-e-slabost-tuku-doblest-shto-porano-ili-podoc_copy.JPG

Која песна или настап досега ти останале во најубаво сеќавање и што го направи тој момент толку посебен за тебе?

Конкретно една песна не би можела да издвојам, но можам да кажам дека низ годините голема инспирација ми биле одредени светски изведувачи. Дефинитивно, песните на Adele биле огромна инспирација за мене, особено поради емоцијата што ја носи во секоја песна и начинот на кој успева да ја пренесе на публиката. Исто така, Ariana Grande ми е инспирација како комплетен уметник — од глас, до харизма, изглед и сценски настап.

Од моите настапи, искрено ги сакам сите бидејќи секој носи различно искуство и емоција, но можеби посебно значење за мене имаат фестивалските настапи. Настапот на Макфест во Македонија и учеството на Studentsko Ljeto во Маглај, БиХ, ми останале во најубаво сеќавање, бидејќи тие моменти ми донесоа посебна енергија, ново искуство и чувство дека сум на вистинскиот пат.

Кога би можела денес да и дадеш совет на малата 10-годишна Јана, што би и кажала?

Кога би можела денес да ѝ дадам совет на малата 10-годишна Јана, би ѝ кажала секогаш да верува во себе и во своите соништа. Да знае дека сè што прави има вредност и дека трудот секогаш се исплати, дури и кога резултатите не доаѓаат веднаш. Би ѝ кажала да биде храбра, да не се плаши од предизвици и секогаш да оди по патот што го чувствува длабоко во себе. Исто така, би ѝ рекла никогаш да не престане да биде добра личност, затоа што добрината не е слабост, туку доблест што порано или подоцна се враќа во многу поубава форма. Да остане своја, искрена и дисциплинирана, бидејќи токму дисциплината, упорноста и љубовта кон тоа што го правиш се клучот за секој успех.

Најчитани неделава