Бронза за Стефан Стојановиќ од „Макпетрол“ на Универзијадата во Бразилија
- Детали
- вторник, 09 јуни 2026
Македонската универзитетска карате репрезентација го освои првиот медал на првиот натпреварувачки ден од Светското универзитетско првенство во Бразилија. Најзаслужен за тоа е Стефан Стојановиќ во категоријата +84 кг, кој прикажа одлични борби и уште еднаш потврди дека припаѓа на самиот светски врв.
Стојановиќ беше на чекор до финалето, но во полуфиналната пресметка претрпе пораз во последните секунди од мечот, пропуштајќи голема можност да се бори за златниот медал. Сепак, освоеното одличје претставува значаен успех за македонскиот универзитетски спорт и силен поттик за продолжението на шампионатот.
Во категоријата -68 кг., пак, Викторија Јовановска во борбата за бронзен медал беше поразена од претставничката на Иран со минимални 5:4. Резултатот укажува дека нијанси го решиле победникот, а Јовановска остана без заслужено одличје и покрај борбеноста и квалитетниот настап. Добар впечаток остави и дебитантот во репрезентацијата, Греса Мустафаи.
За време на елиминациите и на свеченото дефиле на отварањето на Светското универзитетско првенство во Бразилија, со нашите репрезентативци беше и нашиот Амбасадорво Бразил, Игор Попов и првиот секретар во Македонската амбасада Маријан Бартон. Утре настапуваат уште пет каратисти, во среда се екипните борби, додека во четврток се мечевите за медали.
На шампионатот учествуваат 1.500 студенти-спортисти од 50 земји, што го прави еден од најсилните универзитетски спортски настани во светот.