Енотуризам во Македонија: Рецепт за здравје, мир и задоволство

Уште во далечното минато, црвеното вино било употребувано како природен лек и се сметало дека монасите живееле многу долго, помеѓу останатото и бидејќи редовно консумирале помали количини црвено вино. Денес, тоа е пијалак кој најмногу го поврзуваме со уживањето и хедонизмот, но здравствените придобивки од виното повеќе не се занемаруваат, туку се општо прифатени од луѓето и науката.

enoturizam-vo-makedonija-recept-za-zdravje-mir-i-zadovolstvo-01.jpg

Во последно време вината, особено црвеното, се предмет на повеќе истражувања. Податоците кои ги добиваме од ваквите студии, укажуваат дека само умерената консумација на црвеното вино може да предизвика корисно дејство на организмот. Медицинските студии покажуваат дека сите што консумираат по една чаша вино дневно имаат помали шанси да заболат од деменција и рак, а притоа истото е добро и за регулирање на шеќерот во крвта. Опоен мирис, богати вкусови и боја – Французите би рекле дека не постои ништо подобро од чаша црвено вино. А, за оние кои го обожаваат овој префинет пијалак, има добри вести – тој е и здрав. Љубителите на квалитетно црвено  вино од Македонија и регионот имаат уште една причина повеќе да го сакаат, бидејќи од македонското Повардарие доаѓаат некои од најдобрите и најквалитетните вина.

Спуштајќи се низ Повардарието, неизбежно е да наидете на археолошкиот локалитет Стоби, во чија близина се наоѓа Винаријата Лазар – една од најубавите попатни станици што има да ги понуди Тиквешкиот регион и вистински бисер на овој крај. Оригинално замислено како место за преработка и производство на вино, денес Винаријата Лазар располага и со сместувачки капацитети и ресторан кои им овозможуваат на посетителите подобро да се запознаат со процесот и начинот на кој се создаваат вината со врвен квалитет.

enoturizam-vo-makedonija-recept-za-zdravje-mir-i-zadovolstvo-02.jpg

Летниот период е совршен за посета на оваа винарија, особено поради природата наоколу која во овие месеци го бои крајот во зелено и изгледа магично. Набљудувањето на лозовите насади придружени со чаша црвено вино и локални деликатеси, директно од удобноста на дворот на Винаријата Лазар создава моменти и спомени кои ќе останат со вас засекогаш...

enoturizam-vo-makedonija-recept-za-zdravje-mir-i-zadovolstvo-03.jpg

Продолжувајќи надолу по автопатот Е-75, ќе ја забележите и уникатната градба на Винарската визба Попова Кула.

Во интимниот мал предел помеѓу автопатот и Демир Капија, се протега оваа винарија со долгогодишна традиција, изградена токму на местото каде што некогаш се наоѓала една значајна кула по истото име којашто некогаш служела како важна контролна точка на стариот Римски пат што поминува во близина на оваа локација.

enoturizam-vo-makedonija-recept-za-zdravje-mir-i-zadovolstvo-04.jpg

Попова Кула нуди сместувачки капацитети со восхитувачки поглед на прекрасната околина – вистински предизвик за љубителите на природата како и можности за различна гастрономска винска дегустација од нивната богата палета на врвни вина. На сопствените плантажи Попова кула одгледува грозје од сортите, Вранец Каберне Совињон и Станушина која е стара македонска автохтона сорта на грозје, а благодарение на винаријата Попова Кула се спречи нејзиното исчезнување. Попова Кула е пионир во винскиот туризам, соработува и со локалното население и на тој начин го поттикнува развојот и енотуризмот во целата околија.

enoturizam-vo-makedonija-recept-za-zdravje-mir-i-zadovolstvo-05.jpg

Енотуризмот во нашата земја е во постојан пораст и предизвикува се’ поголем интерес, а овие две винарски визби – Лазар и Попова Кула – располагаат со сместувачки капацитети и нивните врати се секогаш отворени за посетители кои сакаат да уживаат во благотворниот нектар кој тие го произведуваат. И двете винарии беа опфатени со Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), со кој се обезбедија финансиски средства за реновирање и подобрување на капацитетите за сместување како и збогатување на туристичката содржина, со цел да се обезбеди подобра и поквалитетна понуда на посетителите.

Проектот е финансиран од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија, a го администрира Светска Банка, додека истиот се спроведува од Кабинет на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Целта на овој иницијатива е да го зголеми  учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор. Повеќе за проектот дознајте на: https://lrcp.mk/

Во виното, велат, е вистината. Но, во виното е и здравјето, придружено со чувството на задоволство. За умерена консумација, според повеќето релевантни институции кои се занимаваат со нутриција и храна, се смета една до две чаши црвено вино за секој возрасен човек. А белото вино во комбинација со отворената природа и зеленило кои можете да ги најдете во Повардарието се смета како рецепт за здрави бели дробови и долг живот. Квалитетното македонско вино, комбинирано со традиционална македонска храна е доволен повод да го стартувате вашиот автомобил и да посетите некоја од нашите винарии.  

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg