Загадувањето нема да се намали ако се прогледува низ прсти на субјекти како „Скопје Север“

Откако топланата „Скопје Север“ од Град Скопје доби забрана за користење мазут, во јавноста се отвори дилемата што конкретно се превзема со цел да се намали енормното загадување во околината, односно дали и понатаму ќе им се прогледува низ прсти на субјекти кои што не чувствуваат никаква одговорност за своите постапки.

zagaduvanjeto-nema-da-se-namali-ako-se-progleduva-niz-prsti-na-subjekti-kako-skopje-sever-01.jpgфото: depositphotos.com

Особено што, во интегрираната еколошка дозвола стои дека оваа топлана мора да се придржува до повеќе точки, меѓу кои се и двете што подразбираат редовно мерење на загаденоста и проверки на квалитетот на горивото доколку се користи мазут.

Првиот човек на „Скопје Север“ веќе потврди дека ниту се прави мониторинг на воздухот, а квалитетот на мазутот не им е познат. Сето ова укажува на непрофесионално однесување и непридржување до прописите без притоа да се покаже чувство на одговорност дека со таквите постапки се нарушува квалитетот на животот и здравјето на жителите на Скопје. Со самоволно префрлање на мазут „Скопје Север“ значително ги зголеми опасностите по животната средина и здравјето на граѓаните и сега се отвора дилемата што конкретно ќе превземат надлежните за нивната несоодветна работа.

Директорот на „Скопје Север“, притоа, не гледа ништо спорно во тоа што топланата одреден период се префрлила на мазут.

- Секако дека природниот гас е доста поприфатлив за околината, но кога гледаме секој ден со дивите депонии колку се загадува, ова загадување е минорно - истакна првиот човек на „Скопје Север“.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека приоритет за владата е да не се создадат ситуации во кои што би се користело алтернативно гориво за топланите Исток и за Запад, а истото го очекува и за третата топлана во градот.

- Скопје Север е во сопственост на Топлификација која е во приватна сопственост. Во делот на тоа што користат како енергенс за да произведуваат топлинска енергија, има надлежни институции согласно нивните лиценци кои треба да ги проверат дали се прекршуваат одредбите предвидени во лиценцата, во дозолата која ја имаат за производство на топлинска енергија - рече Бектеши.

„Скопје Север“ како дел од нејзината интегрирана еколошка дозвола може да користи мазут како алтернативно гориво, но само под одредени услови и во краток временски период. Дали тоа навистина се почитува, се сомневаат и дел од еколошките активисти.

- Државниот пазарен инспекторат со државната мобилна лабораторија да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето - објавија од „О2 иницијатива“ на својата официјална Фејсбук-страница.

За граѓаните, од друга страна, оваа нејасна ситуација значи дека нивното здравје и понатаму ќе биде оставано во втор план, дека еколошките ветувања и борбата за чист воздух ќе биде заборавена, а користењето алтернативни горива, како мазутот, многу лесно може да стане секојдневна практика. Сето тоа ќе се случува и покрај тоа што топланите имаат можност примарно да функционираат користејќи природен гас, чиешто загадување е незначително во споредба со мазутот.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg