Караванот „Да ги слушнеме и гушнеме“ на Халкбанк со ретро-игранки за повозрасните

Игранките се замислени како мал времеплов, со ретро музика, закуска и сценографија како визуелна реплика на минатото.

karavanot-da-gi-slushneme-i-gushneme-na-halkbank-so-retro-igranki-za-povozrasnite-01.jpg

Битола, 15 декември - По синоќешната проекција на македонскиот филм „Дедо и внук“ во Битола, карванот „Да ги слушнеме и гушнеме“ продолжува со предновогодишни игранки за повозрасните во неколку македонски градови.

Вечерашниот термин е предвиден за корисниците на домот за стари лица „Софија“ во Битола, каде што ќе гостува и еден од најдобрите вокали на македонската сцена, Блага Петреска:

- Почестена сум што во овој претпразничен период ќе бидам дел од една ваква програма, со ваква прекрасна публика. Овој декември ќе се забавуваме со повозрасната популација. Тие и најмногу ги знаат и паметат моите песни. Мислам дека ќе можеме сите заедно да се расположиме и да запееме. Благодарна сум и ќе дадам сè од себе да креираме една убава атмосфера, да се забавуваме и да се потсетиме на старите времиња - вели доајенот на македонската фолк-естрада Блага Петреска.

Идејата на оваа активност од кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ на Халкбанк е да им се даде важност на повозрасните:

- Во рамки на кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ со големо задоволство вклучивме и предновогодошни активности наменети за повозрасните и лицата кои живеат во некои од домовите за стари лица во Македонија. Ова е време кога сите се собираме и славиме во празнична атмосфера. Наша мисија е да ја поткренеме забавната атмосфера и во домовите и во здруженијата на пензионери и веруваме дека пријатно ќе ги изненадиме луѓето со културно-уметничките содржини и музичкиот перформанс на госпоѓа Блага - подвлекува Маја Наумовска Савеска од Халкбанк АД Скопје, организатори на големата кампања.

Игранките се замислени како мал времеплов, со ретро музика, закуска и сценографија како визуелна реплика на минатото. Следната дестинација е домот за стари лица „Жана“ од Неготино, чии корисници изминатиот период беа вклучени и во изработка на прекрасни картички со инспиративни совети за сите млади луѓе.

Општествено-одговорната кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“ до крајот на годината, освен игранките, предвидува и уште неколку филмски проекции во различни општини, како и специјално списание за пошироката публика. Кампањата интегрално се одвива и на социјалните медиуми, како и на специјално креираната веб-платформа www.cuvarinamudrosta.mk.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg