Џебна револуција: Што значат фустаните со џебови за финансиската слобода на жените?

На социјалните медиуми неодамна осамна впечатлива кампања со силна и едноставна порака и со визуелен идентитет: Фустани со џебови за финансиска слобода на жените.

dzhebna-revolucija-shto-znachat-fustanite-so-dzhebovi-za-finansiskata-sloboda-na-zhenite-01.jpg

Зошто фустани со џебови? Кому му е потребно тоа? И од кога?

Овие навидум едноставни прашања отвораат безброј теми за дискусија, почнувајќи од Зар не постојат џебови на стереотипната женска облека?“, преку „Кој прв ги отстранил џебовите и зошто?“, сè до финалното „Како да го направиме финансискиот простор безбеден и достапен за жените кај нас?“

Доколку погледнеме назад низ историјата, женските џебови – или каков било простор каде што жените складирале секакви предмети потребни за грижа за себе и за своето семејство – недвосмислено биле тесно поврзувани со просторот за грижа и слобода. Овој „нормален“ тек во женската историја трае сè до 17 век, кога женската облека добива сексуализирана форма преку корсетите и балон-фустаните, каде што џебот, како неопходен простор, станува симбол на недостиг на женственост и недостиг на покорност кон патријархатот. Историски гледано, ова се првите моменти каде што недостигот на џебови е симбол за одземање на финансиската или каква било слобода на жените.

Историјата на „жените нема потреба да носат ништо, и онака парите се кај мажите“ продолжува низ вековите, а самиот Кристијан Диор дополнително ја „бетонира“ непотребноста на џебот со култната изјава: „Мажите имаат џебови за да чуваат предмети, а жените само за декорација.“

dzhebna-revolucija-shto-znachat-fustanite-so-dzhebovi-za-finansiskata-sloboda-na-zhenite-03.jpg

До денешен ден, сведоци сме на сошиени џебови на женската гардероба, лажни џебови што служат за декор, „секси“ припиени верзии на џебови без некаква функција, освен за изразување понекоја облина – и толку.

За сметка на тоа, индустријата за рачни чанти, која е во екстремен подем, Fortune Business Insight, забележува дека во 2020 година бизнисот со рачни чанти вредел 47,57 билиони долари, а предвидува дека до 2028 година тој ќе вреди 78 билиони.

Едноставно, сумирано – историјата не е на страната на џебовите и на финансиската слобода на жените. Барем не досега.

Просторот за враќање на безбедниот простор за финансиска слобода на жените не е едноставен процес. Потребно е системски поддржано решение, кое истовремено ќе биде на страната на оние што се во активна потрага и битка за финансиска независност, без оглед на тоа дали се жени претприемачи или, едноставно, користат какви било финансиски услуги. И, најважно, во овие моменти на глобална криза и рецесија, решението што се однесува за најранливите е: финансиски невидливи жени.

dzhebna-revolucija-shto-znachat-fustanite-so-dzhebovi-za-finansiskata-sloboda-na-zhenite-02.jpg

Големата Вирџинија Вулф во „Сопствена соба“, револуционерниот есеј на тема женска независност, ја пишува едноставната вистина, која и ден-денес останува непроменета: Една жена мора да има пари и сопствена соба ако сака да пишува фикција.“

Од сафражетките, па сè до денешните борки за финансиска (и секаква друга) слобода на жените, џебовите на женските фустани и секаков друг тип облека се симбол на сопствен независен простор, лично место од десетина сантиметри каде што се чуваат нештата што жените ги прават независни: симбол за парче слобода, за длабок простор за рамноправност и, конечно – за своите сопствени финансии.

Време е, навистина, тој простор да се врати назад, онаму каде што припаѓа.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg