„Семи, Џо и јас“ со швајцарската актерка со македонско потекло Јана Секуловска во кината

Швајцарската драма „Семи, Џо и јас“ во режија на Карин Хеберлајн, во која едната од главните улоги ја толкува 19-годишната актерка од Швајцарија со македонско потекло, Јана Секуловска, од утре премиерно ќе се прикажува во кината низ републиката. Филмот е на редовен репертоар на киното „Милениум“ во Скопје во терминот од 19 часот, а од утре се прикажува и во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар и во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино. „Семи, Џо и јас“ задутре се прикажува во Кинотеката и во Центарот за култура во Битола, од каде продолжува во Македонска Каменица.

semi-dzho-i-jas-so-shvajcarskata-akterka-so-makedonsko-poteklo-jana-sekulovska-vo-kinata-01.jpg

За Секуловска ова е прв долгометражен игран филм. Во последните две години таа гради актерска кариера во Швајцарија каде се појавува во кратки филмови и реклами. Секуловска минатата година беше специјална гостинка на фестивалот „Џифони Македонија“ каде се сретна со публиката и одговараше на прашања поврзани со филмот. Таа ја игра Лејла, која заедно со Семи и Џо се неразделна група девојки. Тие се подготвени за возбудливо лето после матурирањето. Но, она што следува е сосема непредвидливо и многу посериозно од нивните предвидувања. Силен филм за искушенијата, растењето и пријателството кое е поважно од се друго.

Режисерката Карин Хеберлајн освоила неколку меѓународни награди за „Семи, Џо и јас“, меѓу кои Фестивалот за детски филм во Чикаго, во Цирих и во Шлингел, Германија.

По дипломирањето, тројца неразделни пријатели гледаат како нивните соништа за безгрижно лето полека се заменуваат со сè повозрасни обврски.

Дистрибутер на филмот е „КТ филм и медиа“ од Битола со поддршка од Националната швајцарска агенција за промоција на филмови продуцирани во Швајцарија „Свис филмс“.

semi-dzho-i-jas-so-shvajcarskata-akterka-so-makedonsko-poteklo-jana-sekulovska-vo-kinata-02.jpg

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg