Растура на Светско, го нарекуваат „викинг“: Кој е норвешкиот фудбалер Ерлинг Халанд, што стана хит меме?
- Детали
- понеделник, 06 јули 2026
Ерлинг Халанд веќе важи за најдобриот фудбалер од Норвешка, но благодарение на Светското фудбалско првенство, целиот свет дозна за него (дури и оние кои не следат фудбал). На терен изгледа застрашувачки, а поради долгата руса коса, жените го прашуваат за неговата рутина. Ерлинг Халанд си има и своја химна, а деновиве стана хит меме.

Синоќа Норвешка победи на натпреварот против Бразил на Светско.
По историскиот меч, Бразил беше елиминирана од првенството, додека Норвешка си обезбеди место во четвртфиналето.
Главна ѕвезда од норвешкиот тим е Ерлинг Халанд – 25-годишен фудбалер кој стана хит на социјалните мрежи.
Халанд даде два гола во второто полувреме, а веќе го споредуваат со најдобрите фудбалери во светот како Меси и Роналдо.
Благодарение на младиот Норвежанец, интерес за Светско покажуваат и оние кои никогаш не следеле фудбал, а од првиот натпревар на Норвешка на првенството, Халанд стана инспирација и за многу мемиња.
Поради висината од 195 сантиметри и неговата доминација на фудбалскиот терен, некои велат дека Ерлинг е вистински „ѕвер“, додека други сметаат дека неговото викиншко потекло е повеќе од очигледно.
Роден во Англија, но пораснат во мал град во Норвешка, Халанд веќе важи за најдобриот норвешки фудбалер.
Сè до годинашното Светско првенство не се натпреварувал на голем меѓународен турнир, но сега ѝ помогна на својата земја да извојува историска победа.
Но, долго пред светот да дознае за него, Ерлинг се истакнувал во Норвешка. На пример, во 2019 година дал дури девет гола во еден натпревар.
На само 24-годишна возраст, тој стана рекордер во Норвешка, како фудбалер со најмногу дадени голови.
Тој има играно на 54 натпревари како дел од тимот на Норвешка, при што има дадено дури 62 гола. А, само на Светско веќе има дадено седум гола.
Кога е на терен, навистина изгледа застрашувачки, особено кога трча кон противник на кој сака да му ја земе топката, но и кога дава гол на некогаш невозможен начин.
Но, покрај талентот на фудбалскиот терен, Халанд привлекува внимание и со смислата за хумор што ја покажува на неговиот Инстаграм профил.
На пример, по еден фудбалски натпревар сподели фотографија на Инстаграм Стори од него и друг фудбалер, со опис: „Брат, имам сопруга“
Истовремено, многу фудбалски фанови забележаа и дека сите околу себе ги третира со почит.
Вирално се споделуваат видеа на кои по натпревар, играчите само ги фрлаат дресовите кон личноста што е задолжена да ги собере, додека Халанд секогаш внимателно го дава дресот, а некогаш и се ракува со собирачите.
Други, пак, ја коментираат неговата коса, а женските се шегуваат дека би сакале да ја знаат неговата рутина за одржување:
„Секој пат кога ќе му ја видам косата сум восхитена. Треба да си направи линија шампони или нешто такво“.
„Сакам да му ја знам рутината за одржување, косата му е прекрасна“.
„Халанд би бил одличен за реклама за шампон. Погледнете каква прекрасна коса има“.
Впрочем, Ерлинг е толку популарен што фановите имаат смислено и химна за него која е хит на Светско.
Приватно, Халанд е во долга врска со Норвежанката Изабел Хаугсенг Јохансен, а иако не се во брак, заедно имаат дете кое го добија во 2024 година.