Го криеле под кревет во Втора светска војна, 2 пати е украден: Лудата историја на првиот трофеј за Светско
- Детали
- четврток, 16 јули 2026
Денес никој не знае каде е првиот трофеј што го добивале победниците на Светското фудбалско првенство. Откако вторпат бил украден, се претпоставува дека некој го продал на богат колекционер или дека можеби го стопил.

Без разлика дали следите фудбал или не, сигурни сме дека веднаш можете да го препознаете трофејот од Светското фудбалско првенство.
На секои четири години, победничкиот тим на Светско гордо позира со него, но нема право да го понесе дома, во својата земја.
По првенството, трофејот се носи во Цирих, каде што е чуван наредните четири години, односно до следното Светско.
Причината за ова е тоа што трофејот што се користи денес не е оригиналниот од првото Светско првенство.
Оригиналниот трофеј, познат како „Жил Риме“ се соочил со низа премрежја – „преживеал“ една војна, бил криен, бил украден и најден, за на крај да исчезне и да му се изгуби секаква трага.
За да не се повтори ова, оригиналниот трофеј се користи само за церемонијата на Светско, а победничкиот тим добива позлатена реплика.
Детали за лудата приказна за оригиналниот трофеј на Светско:
Првото Светско фудбалско првенство не било огромен настан како денес.
Се одржало во 1930 година во Уругвај, а домаќинот победил на турнирот и станал првиот светски шампион во фудбал.
Победничкиот тим го добил трофејот „Жил Риме“ кој ја претставува Нике, старогрчката божица на победата.
Трофејот го добиле и победниците на Светско во 1934 и 1938 година, но потоа турнирот морал да биде откажан поради почетокот на Втората светска војна.
Бидејќи во 1938 година Италија победила на Светско, трофејот останал таму кога почнала војната.
Поради ширењето на конфликтот, се јавил страв дека трофејот ќе биде изгубен.
Според приказната, трофејот ја „преживеал“ војната благодарение на италијанскиот фудбалски судија Оторино Бараси.