На 2 години беше оставен да умре, денес го викаат „малиот Пикасо“ - Се сеќавате ли на момчето спасено на улиците на Нигерија?
- Детали
- сабота, 18 октомври 2025
„Кога го видовме, мирисаше на смрт. Бев сигурна дека ќе ми почине во раце. Но, се бореше и победи“, се сеќава хуманитарката на првата средба со Хоуп, кој тогаш имал само 3 килограми.

Ања Рингрен Ловен во 2016-та година беше избрана за Најинспиративна личност во светот.
Причината за ова, меѓу другото, беше и фотографијата која го обиколи светот, а на која, таа клечи покрај мало детенце од Нигерија и му дава да пие вода, а тоа е толку слабичко, што делува како едвај да стои на нозе.
Родителите го оставиле детето на улица за да умре кога имало 2 години, откако го прогласиле за вештер, верувајќи дека е опседнат од зло.
Момчето живеело на улица 8 месеци пред да го пронајдат волонтерите на хуманитарната организација Land of Hope, чиј основач е Ања.
Било коска и кожа, со едвај 3 килограми. Во раката силно ја стегал својата играчка, мала искината кукла.

Ања го зеде кај себе, а му го даде името Хоуп (надеж).
Лекарите биле скептични и мислеле дека тој нема да преживее ни неколку дена.
„Кога го видовме, мирисаше на смрт. Бев сигурна дека ќе ми почине во раце. Но, се бореше и победи“, се сеќава Ања на првата средба со Хоуп.

Тој поминал 3 месеци во болница каде што го лекувале од тешка неухранетост и инфекции.
Но, благодарение на волонтерите и својата волја за живот, тој денес е здраво момче.
Хоуп сега има 12 години.

Глув е, но комуницира со пишување и со цртежи, а од милост, неговите наставници го нарекуваат „малиот Пикасо“.
Освен што има талент за цртање, сонува еден ден да биде познат сликар.

Ања неодамна на својот Инстаграм објави нови фотографии со него, на кои се гледа дека Хоуп е здрав, насмеан и среќен.
„Ова не е истото дете, прекрасен е“, пишува во коментарите.
Фотографијата, пак, која беше објавена пред 9 години, на која Ања првпат се сретнува со Хоуп, е уште еден доказ за ужасот кој се случува во Африка поради суеверие.
Се верува дека илјадници деца во светот, посебно оние со инвалидитет, епилепсија или аутизам во африканските земји се „брендирани“ како опседнати, а многу од нив се жртви на злоставување и малтретирање поврзано со црна магија.

А. Ј. | Црнобело
