Прељубничката од концертот на Coldplay: „Се однесував несоодветно со шефот и го извлеков подебелиот крај, добивам смртни закани“
- Детали
- петок, 19 декември 2025
„Донесов лоша одлука, испив неколку коктели, танцував и се однесував несоодветно со мојот шеф. Дадов отказ и тоа е цената што одлучив да ја платам“, раскажува Кристин, жената која беше снимена на концертот на Coldplay додека се прегрнува со нејзиниот шеф.

Еден од поголемите скандали од годинава е прегратката на директор и неговата колешка на концерт на Coldplay.
Видеото на кое се прегрнуваат се споделуваше вирално бидејќи и двајцата беа во брак со други личности.
„Ѕвездите“ во видеото се Енди Бирон, кој е извршен директор на милијардерска компанија, и Кристин Кабот која била шеф на службата за човечки ресурси во истата фирма.
По скандалот, Кристин ја напуштила својата работна позиција и пробуваше да се скрие од јавност.
Но, сега се согласила да направи интервју за New York Times каде зборува за скандалот.
Во интервјуто, Кристин тврди дека немала афера со поранешниот шеф и дека пред да отидат на концертот, се немале ни бакнато.
Прегратката, пак, ја опишува како „лоша одлука“.
„Донесов лоша одлука и испив неколку коктели, танцував и се однесував несоодветно со мојот шеф“.
Кристин истакнува дека ѝ е јасно дека тоа што го направила е погрешно, но и дека презела одговорност за скандалот – се откажала од нејзината кариера во компанијата.
„Тоа е цената што одлучив да ја платам. Сакам моите деца да знаат дека можете да направите грешка, можете многу да погрешите, но дека не треба да добивате закани или да бидете убиени за тоа“.
Кристин го запознала извршниот директор минатото лето, кога отишла на интервју за работа. Вели дека веднаш „кликнале“, а откако почнала да работи во компанијата во ноември 2024-та, зборувале секојдневно.
Уште повеќе се зближиле оваа пролет, бидејќи и двајцата минувале низ разделба со партнерите.
Кристин вели дека брзо ѝ се родиле чувства кон шефот, па дури почнала и да фантазира за него.
Сепак, била свесна дека не треба да презема ништо за да не го наруши професионалниот однос со него.
Кристин била таа што го поканила директорот на концертот на Coldplay, но истакнува дека не биле на романтичен состанок бидејќи со нив имало и други луѓе.