По силување и обид за самоубиство, ѝ одобрија евтаназија: Трагичната приказна на Ноелија Кастиљо (25) од Шпанија
- Детали
- петок, 27 март 2026
Вчера (26.03) 25-годишната Ноелија Кастиљо од Шпанија почина, откако ѝ беше одобрено барањето за евтаназија. Младата девојка беше во инвалидска количка поради неуспешен обид за самоубиство, кој следел по трауматичен настан – групно силување. Татко ѝ пробуваше да ја оспори одлуката, но таа победи на суд.

Евтаназијата е легализирана во Шпанија уште од 2021 година, а оттогаш биле одобрени стотици барања за асистирано самоубиство.
Но, случајот со 25-годишната Ноелија Кастиљо е првиот кој завршил и на суд.
Младата девојка била жртва на групно силување, а откако самата пробала да си го одземе животот, станала и инвалид.
Поради овие, но и низа други трагедии во нејзиниот живот, младата девојка поднела барање за евтаназија, но нејзиниот татко се противел.
Па, по судска битка која траеше повеќе од година и пол, вчера (26.03), на девојката ѝ беа инјектирани смртоносните инјекции.
По барање на девојката, таа била сама во собата кога починала, единствено во присуство на докторот кој ја вршел евтаназијата.
Додека ја водеше судската битка, Ноелија отворено зборуваше за нејзината одлука, како и страдањето што го трпела.
„Сакам да си заминам и да престанам да страдам. Никој од моето семејство не ја поддржува евтаназијата.
Но, што е со целата болка од којашто страдам сите овие години? Не ми се прави ништо – ниту ми се излегува, ниту ми се јаде. Не можам да спијам и имам болки во грбот и нозете“.
Ноелија потекнува од нефункционално семејство и нејзините родители имале проблеми со зависност и менталното здравјето.
Поради ова, младата девојка голем дел од детството поминала згрижена во дом.
Детството не ѝ било лесно, а животот драстично ѝ се влошил кога три момчиња ја силувале во 2022 година.
Претходно, таа била сексуално нападната и од нејзиниот дечко.
Неколку денови подоцна, пробала да си го одземе животот.
„Не го пријавив силувањето бидејќи се случи неколку денови пред да пробам да извршам самоубиство“, има изјавено Ноелија за шпанските медиуми.