По силување и обид за самоубиство, ѝ одобрија евтаназија: Трагичната приказна на Ноелија Кастиљо (25) од Шпанија
Во октомври 2022 година, Ноелија скокнала од зграда во обид да се самоубие. Но, преживеала, а поради сериозните повреди, останала парализирана од половината надолу.
Истовремено, постојано била во болка.
Наводно, Ноелија и претходно пробала да изврши самоубиство со предозирање.
Таа се соочувала и со сериозни проблеми со менталното здравје, како опсесивно компулсивно растројство со параноја, што дополнително ѝ го отежнувале животот.
„Татко ми виде како паѓам и не направи ништо. Но, по сè што направи, веќе не жалам за него“, има изјавено Ноел за обидот за самоубиство.
Таа одлучила да поднесе барање за евтаназија во 2024 година.
Првично барањето ѝ било одобрено од независна група доктори, адвокати и експерти за биоетика, но татко ѝ пробал да ја оспори одлуката.
„Не ја почитува мојата одлука и никогаш нема да ја почитува. Сакаше да ми ја препише куќата што ја купи за да продолжи да зема социјална помош.
Потоа не сакаше да ми ја препише куќата, ниту да плати за погребот, ниту да присуствува на евтаназијата и вели дека не сака да знае ништо за мене. Рече дека за него јас сум веќе мртва.
Го разбирам. Татко е и не сака да ја изгуби ќерката. Но, тој никогаш не ме слуша, никогаш не ми се јавува, никогаш не ми пишува. Единствено ми носи храна. Зошто сака да бидам жива? За да ме чува во болница?“
Според законите во Шпанија, луѓето кои страдаат од сериозни и неизлечливи болести или имаат хронична состојба што им оневозможува да водат нормален живот, можат да поднесат барање за евтаназија.
Но, важно е лицето да биде свесно и во состојба самото да расудува и донесува одлуки.
Таткото на Ноелија пробуваше да ја спречи евтаназијата поради ова правило – тврдеше дека ќерка му страдала од нарушувања кои „можат да имаат влијание врз нејзината способност да донесе разумна одлука“.
Тој тврдел и дека нејзината состојба не ѝ предизвикувала физичка болка.
Сепак, Ноелија победи на суд, а кога го дознала датумот на евтаназијата, самата испратила порака до шпанскиот медиум Antenna 3:
„Конечно успеав. Да видиме дали конечно ќе можам да одморам бидејќи веќе не можам да го поднесам ова семејство, болката и сè што ме измачува од она низ коешто поминав.
Не сакам да бидам пример за никој. Ова едноставно е мојот живот и тоа сè“.
Таткото на Ноелија го застапува христијански адвокатски тим, кој по евтаназијата, во име на татко ѝ изјави:
„Ноелија веќе беше евтанизирана. Ние од здружението христијански адвокати жалиме за нејзината смрт и сметаме дека овој случај ги нагласува сериозните недостатоци во законот за евтаназија кој не ги штити најранливите луѓе“.
Генерално, тие се противат на одлуката на судиите, a некои бараат и законот да биде променет.
Мислењето на јавноста е поделено – некои сметаат дека Ноелиja заслужува сама да одлучува за себе, особено кога ќе се земат предвид трагедиите во нејзиниот живот, но други го оспоруваат законот за евтаназија.
Во Европа, уште во девет други држави постојат закони кои им овозможуваат асистирано самоубиство на луѓето кои се соочуваат со неподносливо страдање. Сепак, критериумите се разликуваат од држава во држава.
Спирова С. | Црнобело