„Имам 30kg и сум во инвалидска количка – не ми веруваат дека сум во среќен брак со прекрасна сопруга“
- Детали
- петок, 17 април 2026
„Многу луѓе мислат дека животот со инвалидитет е судбина полоша од смрт. Ме сожалуваат бидејќи сум во ова тело, а ја сожалуваат и Хана бидејќи е со мене. Но, ние имаме навистина убав живот“, раскажува Шејн кој има спинална мускулна атрофија. Тој и сопругата се заедно околу една деценија и рушат предрасуди за тоа како треба да изгледа среќен, вљубен пар.

Шејн и Хана Бурко се инфлуенсери кои се прославија поради нивниот брак со кој рушат предрасуди.
Бидејќи Шејн е во инвалидска количка поради рбетна мускулна атрофија, парот честопати се соочува со обвиненија дека лажат, но наместо да бидат гневни за ова, само пробуваат да му покажат на светот дека се среќни и вљубени.
Се запознале пред околу една деценија, а Хана била таа што прва го контактирала.
„Нашата приказна почна кога Хана ми прати мејл, откако изгледала документарец со мене.
Сакам да мислам дека паднала на мојот шарм и можеби тоа е вистина – ми рече дека имала силно чувство дека можеме да бидеме пријатели.
Нејзиниот мејл се истакнуваше бидејќи таа не го ни спомна мојот инвалидитет. Другите луѓе ми велат дека сум инспирација само со тоа што постојам, но Хана гледаше подалеку од тоа“, раскажува Шејн за нивните почетоци.
Тој период, тој живеел во Пенсилванија, а Хана студирала во Минесота, па немале шанса да се сретнат во живо.
Но, по еден видеоповик веднаш им станало јасно дека имаат многу заеднички работи.
„Два месеца подоцна се сретнавме во живо и оттогаш не сме погледнале назад. На нашиот Јутјуб канал ја документираме нашата љубовна приказна.
Во поголемиот дел од историјата, инвалидитетот е прикажан во негативно светло.
Ние сакаме да го промениме тоа и да се бориме против недоразбирањата за живот со инвалидитет“, споделува Шејн.
Тој додава и дека иако имаат предизвици, навистина се среќни.
„Многу луѓе мислат дека животот со инвалидитет е судбина полоша од смрт. Ме сожалуваат бидејќи сум во ова тело, а ја сожалуваат и Хана бидејќи е со мене. Но, ние имаме навистина убав живот“.
Едно од најчестите прашања што ги добивале Хана и Шејн е дали навистина се вљубени.
„Да, вљубени сме. Мислиме дека ова е поврзано со ограниченото мислење на општеството за тоа што значи мажественост.
Јас сум возрасен маж кој тежи 30 килограми. Користам инвалидска количка. Ако Хана е во физичка опасност, не можам да ја спасам. Но, нашата врска е многу повеќе од тоа.
Некои од овие критики се навистина злобни. На луѓето не ми е јасно како можам да привлечам партнерка како Хана без да се совпаѓам со нивниот стереотип за ’алфа маж‘.
Би сакал да можат да ги видат одликите што ми помогнаа да ја привлечам Хана, наместо она што го немам“.
Шејн додава и дека луѓето честопати мислат дека нивната врска е нееднаква и дека Хана е задолжена за апсолутно сè. Сепак, обврските им се поделени.
„Да, Хана ги завршува физичките работи. Но, јас можам да ги направам сите други работи што таа ги мрази – праќам мејлови, плаќам сметки, пресметувам даноци… Во нашата врска има рамнотежа“.
Шејн додава и дека тие имаат активен сексуален живот, без разлика колку чудно им звучи на луѓето.