Чудо во Венецуела по земјотресот: 3-годишно дете преживеало 6 дена под урнатините (видео)
- Детали
- среда, 01 јули 2026
Цели шест дена по разорниот двоен земјотрес во Венецуела, тригодишно дете беше извлечено живо од урнатините. Виталните знаци на детето биле добри и моментално е во болница. Во земјотресот од минатата недела беа уништени речиси 60.000 градби, досега се најдени околу 1.900 загинати лица, а има и над 10.000 повредени.

Помина една недела од разорниот двоен земјотрес во Венецуела со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтер.
Покрај огромната материјална штета, во земјотресот има и многу жртви. Досега се откриени над 1.900 загинати, а повеќе од 10.000 луѓе се повредени.
Но, бидејќи земјотресите уништија речиси 60.000 градби, потрагата по мртви уште трае и надлежните стравуваат дека бројот на загинати ќе биде многу, многу поголем.
По ваква катастрофа, првите 72 часа се клучни за откривањето на преживеаните бидејќи потоа со секој изминат час, шансите некој заробен под урнатините да остане жив драстично се намалуваат.
Но, вчера се случи вистинско чудо – цели шест дена по земјотресот, спасувачите извлекоа живо тригодишно момче од урнатините.
Странските медиуми споделија и видео на кое се гледа херојскиот подвиг.
На видеото се гледа како спасувачкиот тим, кој дошол напомош од Јордан, со камера проверува во урнатините на зграда.
Следно се гледа како спасувачите го извлекуваат момчето на безбедно и го покриваат со ќебе.
Детенцето е во шок, но е будно и свесно ги набљудува спасувачите додека се грижат за него.
Не е познато со какви повреди се соочува, но според последните информации веднаш било пренесено во болница, a неговите витални знаци биле добри.
Надлежните го откриле идентитетот на детето – Клиебер Моран – и споделуваат дека тоа е единствениот преживеан кој бил најден вчера (30.06).
За жителите на Венецуела, ова чудо значи дека има надеж да бидат најдени уште преживеани.
Додека спасувачките екипи работат напорно, надлежните откриваат дека Венецуела сега се соочува и со хуманитарна криза.
Десетици илјади луѓе се без засолниште, но и без храна.
Бројни држави веќе испраќаат хуманитарна помош во Венецуела во форма на храна, лекови, но и машини и опрема за спасувачките екипи.
Во вакви ситуации, кога многу луѓе се присилени да живеат заедно во импровизирани живеалишта, постои голем ризик и од ширење на болести што може да претставува уште еден сериозен проблем.
Спирова С. | Црнобело